Ветеринарката Наташа Бојчева на тема домашните миленици и коронавирусот: Кај мачките коронавирусот е малку покомплициран!

Наташа Бојчева, дипломирана ветеринарка, поради својата стручност една од најбараните кај нас, а која е во чекор со светските трендови, ни одговара на актуелните прашања за кои се грижиме за нашите миленици.

Сега за сега не е докажано пренесување на вирусот преку домашните миленици.

Имало ли кај нас случаи за пренесување на вирусот ковид -19 од домашен миленик на човек или обратно? Може ли да се пренесе коронавирусот од или на домашните миленици?

– Во нашата држава нема регистрирано случај на ковид-19 кај домашен миленик. Сме имале клиенти кои го прележале вирусот во домашна изолација со својот миленик без миленикот да развие било какви симптоми. Сега за сега не е докажано пренесување на вирусот преку домашните миленици. На Интернет се појавија неколку статии за „корона“ кај мачки и кај кучиња и лично сметам дека тоа е „мрзливо новинарство” – бидејќи мачките и кучињата си имаат свој коронавирус кој воопшто не е заразен за луѓето и има различни симптоми.

Има таков вирус, објаснете ни?

– Коронавирусот кај кучињата најчесто ги таргетира младите кутриња и најчесто трае неколку дена. Симптомите се гастроинтестинални и предизвикува дијареа, летаргија и намален апетит. Многу е важно кога младо кутре има дијареа да се направи дистинкција помеѓу коронавирус и парво вирус за да се даде соодветна терапија. Кај мачките корона вирусот е малку покомплициран. Најчесто имаат блага дијареа, но знае да измутира во инфективен перитонит кај кој развиваат асцитес. Корона вирусот кај мачките е многу инфективен за други мачки и кога ќе измутира има многу лоша прогноза. Двата вируса не се инфективни за луѓето.

Значи, коронавирусот бил присутен кај домашните миленици пред ние, луѓето, да го откриеме?

– Коронавирусот има многу подвидови кои се присутни кај животните одамна. Постои коронавирус кај мачки, кучиња, говеда и слично. Постојат и подвидови како Сарс и Мерс кои пак не се инфективни за животните туку само за луѓе.

Домашните миленици ги шетаме постојано, секако дека милениците се потоа дома, на мебелот, во креветот, во нашата прегратка… Има ли место за грижа?

– Простор за грижа има секогаш, не само за време на пандемија. Многу е важно да ја одржуваме хигиената на милениците, особено на кучињата бидејќи шетаат надвор неколкупати на ден. Секој од нас кој чува куче треба да ги чисти шепите и анусот при влегување дома. Шепите на кучето собираат исто нечистотија како и нашите чевли, а ние не седиме дома со чевли на кауч.

Апелирам да не се употребуваат средства за дезинфекција на подови и површини за шепите на кучињата.

Со какво средство е најпогодно да ги измиеме шепите на миленикот после прошетка?

– Со благ сапун и вода. Преферирам бебешки продукти поради тоа што се доволно благи да не ја иритираат кожата. Ако е мало кутре можете да го ставите во када или во туш кабина. Кај големи кучиња може да ја растворите смесата во леген. Важно е, на крај, убаво да ги избришете и ако треба да ги исушите со фен нозете на кучето. Ќе се изненадите колку често настинуваат.

Исто така може да се користат и влажни марамчиња, наменети за бебиња, кои не содржат алкохол.

Што е со средствата за дезинфекција за кои се пишуваше во медиумите?

– Апелирам да не се употребуваат средства за дезинфекција на подови и површини за шепите на кучињата. Да не се употребуваат средства за дезинфекција на раце на база на алкохол. Овие продукти ја оштетуваат кожата и прават рани кои потоа тешко зараснуваат.

Имунолошкиот систем, според досегашните истражувања, е еден од клучните во борбата со коронавирустот. Како да го засилиме имунолошкиот систем кај милениците?

– За почеток, квалитетна храна. Овошје и зеленчук кои се безбедни за кучиња и мачки. Пивски квасец, бета глукан, цинк, омега 3, 6, 9, за дозирањето на суплементите кои се потребни за вашиот домашен миленик секогаш консултирајте се со вашиот ветеринар. Никогаш не давајте лекарства наменети за луѓе на своја рака.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот