Ветеринарите не треба да третираат кучиња без доказ за нивното потекло, велат од АХВ

скопје Бездомни кучиња
Бездомни кучиња во Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека доколку активистите сакаат да помогнат во справување со проблемот со уличните кучиња, треба да ги пријавуваат во општината или директно во прифатилиштето чии екипи ќе ги уловат и откако ќе ги извршат сите потребни процедури, може да им се дадат на активистите на вдомување.

Неодамна, здружението за заштита на животни „Анима мунди“ алармираше дека Агенцијата за храна и ветеринарство со своите постапки ги спречува нивните активности за помош и за спасување животните со што, како што велат, ѝ помагаат на државата во намалување на бројката бездомни животни.

Оттаму информираа дека инспектори на АХВ одат по ветеринарни амбуланти и усно им даваат забрани на ветеринарите да извршат стерилизација или микрочипирање на бездомно куче, доколку им го донесе активист од некое здружение или некој граѓанин.

Ветеринарите под притисок од инспекции и казни, не стерилизираат и не чипираат бездомни животни, иако тоа е единствениот начин за воспоставување контрола на популацијата на бездомни животни, помогната од страна на граѓаните. Бараме одговор веднаш, кој и според кој закон изигрува шериф, заплашува, спречува стерилизации што ги плаќаме од сопствен џеб, оневозможува да чипираме/вдомуваме што е исклучиво во интерес на градот, граѓаните, државата; во интерес и на сите што седат во институции, а ние им го одработуваме она за што се платени – реагираа од „Анима мунди“.

Покрај тоа, од здружението се пожалија дека изминатиот месец инспектори од АХВ вршеле инспекциски надзор во домови на активисти, а притоа како што тврдат, само во првиот квартал од годинава испратиле 17 пријави до ветеринарните инспектори за неодговорно сопствеништво, мачење, изгладнување и малтретирање на животни, но ниту една не е решена во корист на животното.

Од АХВ не ги негираат постапувањата, но објаснуваат дека според Законот за заштита и благосостојба на животните општините се надлежни за собирање на бездомните животни, а не активистите.

 За контрола на популацијата на бездомните кучиња, општината заловените бездомни кучиња привремено ги сместува во прифатилиште, каде што кучињата треба да се кастрираат, односно ојаловуваат, здравствено се третираат, на нив да се изврши превентивна здравствена заштита и тест за социјализација во согласност со прописите од областа на ветеринарното здравство, по што тие треба да се вдомат или да се вратат во реонот од каде што биле уловени. По исклучок, општините може да применат и други пропишани методи за контрола на популацијата на бездомните кучиња – велат од АХВ.

Тоа значи дека општината, општините во градот Скопје, односно Град Скопје треба да изготват и да усвојат повеќегодишен план и програма врз основа на кој ќе се врши контролата на популација на бездомните кучиња и нив да ги одобри Агенцијата.

Фото: Марија Вељановска
Фото: Марија Вељановска

Затоа, како што тврдат од АХВ, активистите и покрај нивните добри намери постапуваат во спротивност на Законот, бидејќи тие не се овластени од општината, ниту се квалификувани да вршат уловување на улични кучиња.

Кое било лице, па и активисти за заштита на животните можат да вдомат бездомно животно само доколку тоа претходно е понудено за вдомување од прифатилиштето и ги поминало потребните здравствени прегледи,било стерилизирано, микрочипирано, тестирано на агресивност, вакцинирано против беснило и дехелминтизирано. Постапувајќи на ваков начин – собирајќи бездомни животни од улица што не се микрочипирани, не се тестирани на агресивност и друго, тие се изложуваат на опасност да бидат нападнати од кучињата и да бидат заразени од некоја заразна болест (беснило, лајшманиоза и др.) доколку кучето претходно не ги поминало потребните тестови преку прифатилиштата – објаснуваат од Агенцијата.

Оттаму велат дека доколку активистите сакаат да помогнат во справување со проблемот со уличните кучиња, треба да ги пријавуваат во општината или директно во прифатилиштето чии екипи ќе ги уловат и откако ќе ги извршат сите потребни процедури, може да им се дадат на активистите на вдомување.

 Од тие причини официјалните ветеринари и инспектори им укажуваат на ветеринарните друштва да не третираат и да не микрочипираат животно без доказ за неговото потекло, туку таквите бездомни кучиња да се пријавуваат до одобрено прифатилиште за натамошен третман – велат од АХВ.

Во однос на обвинувањата од „Анима мунди“ дека инспектори од АХВ вршеле инспекциски надзор во домови на активисти, од Агенцијата тврдат дека согласно законите за ветеринарно здравство, за заштита и благосостојба на животните, за идентификација и за регистрација, ветеринарните инспектори по службена должност можат да спроведуваат контроли на усогласеноста со одредбите на овие закони во одгледувалишта на животни, кај сопственици на домашни миленици што ги чуваат во сопствениот дом и имаат право на слободен пристап до тие простории, до евиденции и до документации, кои се водат во врска со предметот на надзор .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот