Ветеринари лани спровеле 30 инспекции по пријави за каснување од домашни миленици
Четиринаесетгодишник од тетовска Брвеница синоќа во СВР Тетово пријавил дека во близина на семејната куќа бил каснат од куче, сопственост на друг жител на селото. По пријавување на случајот, полицијата презема мерки и активности за расчистување, соопшти денеска СВР Тетово.
Повредите од кучиња и од други животни кои имаат сопственици се предмет на инспекциска контрола од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Доколку граѓанин е каснат или изгребан од куче или мачка, а сопственикот на животното е познат, може да го пријави на надлежен официјален ветеринар во општината каде што се случило каснувањето.
-Во 2020 година, официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство на територијата на цела држава, спроведоа вкупно 30 инспекциски контроли за за кои има пријави на каснување од куче кое има сопственик (домашен миленик). Од почетокот на годинава, спроведени се вкупно пет инспекциски контроли по истиот основ, од кои во јануари две и во февруари три контроли, информираат од Агеницијата за храна и ветеринарство.
На интернет-страницата на АХВ има листа на официјални ветеринари надлежни за општините.