Ветено – сторено: Како зборуваше и што најавуваше Георгиевски пред настапот во Токио

EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Македонија на четвртиот ден од Олимписките игри во Токио и во годината кога прославува 30 години од независноста, го оствари најголемиот успех од осамостојувањето. Дејан Георгиевски ги направи сите Македонци горди со освојувањето на сребрениот медал во таеквондо.

фото: Македонски олимписки комитет

Во очите на светската спортска јавност, денеска Дејан Георгиевски можеби беше аутсајдер на олимпискиот турнир во таеквондо во категоријата над 80 килограми, беше 14 носител од вкупно 16 учесници, но со своите борби на татамито во Токио покажа дека е дел од елитата. Прво го победи актуелниот светски шампион, Кубанецот Рафаел Алба, потоа следеше победа над Сејду Гбане од Брегот на Слоновата Коска за во полуфиналето да биде совладан еден од најдобрите таеквондисти на светот, и втор носител Кјо-дон Ин од колевата на таеквондото, Јужна Кореја.

Фото: 27 јули 2021 / Токио, Јапонија /EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

22-годишниот Дејан во засега најважната борба во кариерата, во борбата за олимписка слава е поразен од главниот фаворит, Русинот Владислав Ларин со 15:9. Иако го освои сребрениот медал, тој има златен сјај на градите на Георгиевски кој ваквиот успех го најави и претходно.

Европскиот шампион од 2017 година, на квалификацискиот турнир за пласман на Игрите во Токио во финалето го победи олимпискиот шампион од Игрите во Рио де Жанеиро 2016 година, Радик Исаев.
Уште тогаш Дејан Георгиевски најави дека не се плаши од конкуренцијата, напротив сака да се бори против најдобрите и дека ќе атакува на медал. И денеска, ветеното и кажаното го исполни.
Во интервју за „Слободен печат“  пред два месеци, по обезбедувањето А олимписка норма, Дејан го најави токму тоа, дека не се плаши од конкурентите, и дека ќе оди на златен медал.

Разговор со Дејан Георгиевски, таеквондистот кој ќе учествува на ОИ во Токио: Сон ми е да донесам златен олимписки медал во Македонија

Во Токио нема да има слаби противници, тука се 16-те најдобри на светот и јас со тоа немам проблеми бидејќи со поголем дел од нив се имам борено, имало и победи и порази, но сето тоа биле тесни и неизвесни борби.  Не ми е план сонот со олимписката норма и учеството на ОИ тука да застане. Мојот сон е да донесам златен олимписки медал во Македонија и со Господ напред се надевам дека ќе дојде до тоа.  Јас тоа го најавувам, сигурен сум дека можам да победам било кого. Русинот Владислав Ларин кој има големо искуство се очекува да биде еден од најтешките противници. Но, мене ми е се исто, сите ги гледам подеднакво, ќе се обидам сите да ги победам, без разлика дали некој има големо искуство. Никого не потценувам ниту кревам во облаци. Мислам дека сум еден од фаворитите, но тоа нема да ме спречи пред конкурентите – зборуваше Дејан за Слободен Печат уште пред два месеци.

Вербата во своите квалитети, во тренерот Дарко Костовски, во направените одлични подготвки, му влеваше уште поголем оптимизам на Дејан и пред заминувањето за Токио кога повторно најави дека оди по медал. 

Знаменосецот Георгиевски цели кон медал, останатите олимпијци очекуваат лични рекорди

– Благодарност за поддршката. Како што најавив претходно, ја остварив целта и се квалификував за Игрите. Сега одам на златен медал, конкуренцијата е жестока, таму се најдобрите 16 таеквондисти (категорија над 80 килограми). Сум ги победувал, но ме победувале и тие мене.  Но, со победата над олимпискиот и светскиот шампион во квалификациите покажав дека можам да се борам со најдобрите. Се надевам на добар резултат и на медал – зборуваше Дејан Георгиевски на прес-конференцијата пред заминувањето за Токио.

Тоа што во изминатиот период го најавуваше, денеска Дејан Герогиевски го оствари, го освои сребрениот медал и го постигна најголемиот успех на Македонија на Олимписките игри по осамостојувањето.
Нема сомнежи дека ова не е последен успех на Дејан Георгиевски, сребрениот медал со златен сјај е доказ дека пред 22-годишниот таеквондист е голема кариера и можеби за три години на Игрите во Париз, ќе ја израдува Македонија со нов медал, овој пат златен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот