Велосипедски „слалом“ по раскопаните патеки низ Скопје

Велосипедски „слалом“ по раскопаните патеки низ Скопје

176
SHARE

Настанот е организиран на крстосницата на булеварот Партизански одреди со булеварот Осми Септември, од страната на средното училиште „Здравко Цветковски“.

Пишува Елена Вељановска

Во време на сè поголема градежна експанзија во Скопје, секојдневно се загрозува безбедноста на велосипедистите и пешаците како учесници во сообраќајот. Раскопаните пешачки и велосипедски патеки се доволна причина за намалување на безбедноста на оваа група учесници во сообраќајот. Поради фактот што поради неможноста пешаците и велосипедистите да поминуваат низ раскопаните тротоари и патеки, тие постојано се принудени да пешачат по коловозот каде што фреквенцијата на автомобили е голема, притоа загрозувајќи си го животот. Последица на тоа се честите сообраќајни несреќи во кои најчесто жртви се велосипедистите и пешаците.

Во обид да се сузбие или барем делумно да се намали оваа појава, но во секој случај да се подигне свеста, денеска велосипедистите ќе се вклучат во одбележувањето на т.н. Национален празник на немање безбедна патека при градба.

По тој повод, од Граѓанската иницијатива „На точак“, ги повикуваат сите како што велат „славеници“ пешаци, велосипедисти, родители со детски колички, лица кои се движат со помош на колички, да се соберат и заеднички да го одбележат празникот на немање безбедна патека при градба.

Збирно место за одбележување на „Националниот празник на немање безбедна патека при градба“ ќе биде крстосницата на булеварот Партизански одреди со булеварот Осми Септември, од страната на средното училиште „Здравко Цветковски“.

– Оваа дупка е избрана како место на славјето зашто и покрај сите пријави во последните 5 месеци да се обележи местото со соодветна сигнализација и навреме да се пренасочи велосипедскиот сообраќај за да биде безбедно за сите, градските служби достоаја цврсто на своите заложби за Скопје адреналински вело-град. Исто така, на просторот на велосипедската патека се поставуваат инсталации за некаков објект кој дополнително ќе ни го разигра движењето при свртувањето на кривината. Едвај чекаме да си возиме слалом! – пишуваат организаторите на настанот.

Од Граѓанската иницијатива „На точак“ објаснуваат дека во нашата држава нема регулатива, односно правилници за тоа како се обезбедуваат, како се пренасочуваат и како се означуваат пешачките и велосипедските патеки кога се зафатени со градежни работи, без разлика дали станува збор за изградба на објекти, промена на инсталации или дефект. Од иницијативата тврдат дека нема регулатива ниту за насочување на автомобилскиот сообраќај во случај на градежни работи, но како што велат, во најголем број случаи се поставуваат барем знаци и насочувачи.

– Најверојатно бидејќи автомобилскиот сообраќај го сметаат за единствениот тип копнен сообраќај, за разлика од пешачењето или возењето велосипед, кои веројатно ги сметаат за воздушен сообраќај. Затоа, секогаш кога ненајавено ќе наидеме на прекопана патека преку која не може да се премине, ја имаме таа среќа да воскликнеме од изненадување. И да посакаме да имаме крилја! – велат од „На точак“.

Од иницијативата иронично коментираат дека движењето со велосипеди низ Скопје е превозбудливо и преполно со вакви или слични изненадувања.

– Нашиот град многу добро се грижи да не ни биде досадно, да мора цело време да бидеме на „штрек“ и да ја преобмислуваме нашата патека. Да не знаеш дали да се враќаш назад до првата крстосница или да се симнуваш долу на коловоз каде што се вози и со 100 на саат, изборот е навистина адреналински. Особено е интересно ако сте со некакви тркала, па треба да треснувате од рабникот врз небезбедниот коловоз, па по одминувањето на дупката да треба пак да се качувате горе преку висок рабник – коментираат од Граѓанската иницијатива.

Како дополнителен проблем со кој секојдневно се соочуваат пешаците и велосипедистите е и постојаното паркирање на автомобилите на тротоарите.

– Проблемот со возачи кои гледаат на пешачките и велосипедските патеки како паркинг не е исклучително скопски. Исто така и градежните зафати се нормална појава насекаде, не очекуваме да ги нема, тоа би било нереално. Но она што го очекуваме и тоа со огромно право е велосипедските патеки да бидат заштитени од паркирање со соодветни заштитни столпчиња или друга инфраструктура и да биде обезбедена алтернативна патека за време на градба со монтажни прегради која би била заштитена од останатиот сообраќај – бараат од Граѓанската иницијатива „На точак“.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY