Пациенти со температура и тешки воспаленија со количка се транспортираат од една...

Пациенти со температура и тешки воспаленија со количка се транспортираат од една до друга клиника

317
SHARE
Klinika Bolnica RADIOLOGIJA

Пациентите кои се лекуваат во скопските клиники, од една до друга клиника се буткаат со количка, бидејќи двете возила што треба да ги транспортираат, подолго време не се во функција. Лекарите велат дека и најтешките случаи, дури и пациенти во животно загрозувачка состојба, кога треба да се носат на некое снимање или да се префрлат од една во друга клиника, се носат со колички без разлика дали надвор, врне, вее или пече сонце.

– Пациентка со температура 39 Целзиусови степени и тешко воспаление на бели дробови од кое едвај дише, со количка ја транспортиравме од Интерни клиники до Клиника за инфективни болести. Така е со сите пациенти во последно време – вели лекар од Интерните клиники.

Пред три години, Министерството за здравство, на Заеднички служби им доделило две возила кои треба да се користат за транспорт на пациенти од една до друга клиника, но и двете не се во фунција поради што се јавиле и проблемите. Упатените  велат дека Министерството и Заеднички служби цело време се во тивка војна околу одржувањето на овие возила.

Директорката на Заеднички служби, Шкодране Дардишта, објаснува дека нејзина обврска била да обезбеди шест лица кои треба да ги возат овие траспортни возила, додека одржувањето, бензинот и сите други трошоци околу возилата  се во надлежност на Министерството за здрaвство.

– Едното возило е расипано, а другото беше однесено на регистрација при што се утврди дека има дефект, поради што и беше испратено на поправка. Очекуваме набрзо да биде ставено во фунција – објаснува Дардишта.

Таа вели дека кога ги добиле возилата, не биле нови, туку веќе користени, но колку и како се одржувани не може да каже, бидејќи тие документи се во Министерството за здравство.

Пред извесно време возилото не било во функција поради тоа што требало да се набави бензин, за што Министерството за здравство префрлило пари, откако за проблемот излезе во јавноста.

(М.Ш.П.)

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY