Вести од иднината – пародија во пет чина

Марин Гавриловски

Држава е скапа работа; најевтино е кога проблемот се решава со многу пари. Сум го напомнал ова во минатото – за да ве перцепираат како држава во меѓународните односи , треба да се однесуваме како држава.

9 јуни 2025 година.

Собранието на Република Северна Македонија, ниту во четвртиот обид не успеа да ги изгласа уставните промени на кои се обврза по прифаќањето на преговарачката рамка за отпочнување на пристапните преговори за полноправно членство во Европаската Унија, во јули 2022 година. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дамјан Делчев, кој требаше да биде последниот, осумдесетти, пратеник кој ќе гласа за уставните измени со кои Бугарите се вметнуваат во Уставот како конститутивен народ во Република Северна Македонија, за нашиот весник изјави дека вечерта пред гласањето на сон му се јавил Питу Гули и го заколнал да не гласа за предложените измени. Како што дознаваме, на денот на гласањето пратеникот Делчев бил во Крушево и воопшто не присуствувал на собраниската седница. Во кулоарите на македонскиот парламент се зборува дека ќерката на пратеникот, Сирма Делчева, која студира во САД, ненадејно исчезнала неколку дена откако пратеникот Делчев бил виден како излегува од резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје, по што тој го менува својот став и одлучува да гласа за уставните промени, спротивно на одлуката на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Нашиот допиник од Москва известува дека, како што мистериозно исчезнала, така ќерката на пратеникот Делчев, мистериозно се појавила на списокот на стипендисти на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Дали тоа има некаква врска со ненадејната промена на мислењето и непојавувањето на Делчев на собраниската дебата на која требаше да гласа за уставните промени, ќе читате во утрешниот број на нашиот весник.

11 февруари 2027 година.

Во Брисел се одржа втората меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и РСМ, на која и формално отпочнаа преговорите за полноправно членство на нашата земја. Пред почетокот на конференцијата, бугарската министерка за надворешни работи Гергана Драгојчева, внука на прочуената комунистичка активистка од времето на Народна Република Бугарија, Цола Драгочјева, пред бугарските медиуми изјави дека за да се отвори првиот кластер Северна Македонија треба да донесе закон со кој се рехабилитираат сите 14 лица кои за време на СФРЈ, односно во периодот од 1945 до 1991 година биле осудени како борци за бугарштината. Истите лица во затворите на Титова Југославија поминале во просек по три и пол години. Од моментот на давањето на изјавата до завршувањето на втората меѓувладина конференција, македонскиот парламент, по брза постапка, го изгласа бараниот закон, по што и официјално беше отворен првиот кластер. Ова беше пречекано со одушевување од страна на граѓаните на Северна Македонија, по што владата организираше општонародна веселба на која на присутните граѓани им се обратија Зоран Заев и Бујар Османи, кои го поздравија овој, за нив исторски, чин кој докажува дека Република Северна Македонија цврсто чекори по европскиот пат и е сигурна потврда дека еден ден ќе стане полноправна членка на Унијата.

4 октомври 2030 година.

Македонската делегација во Брисел беше непријатно изненaдена откако претставниците на Европската комисија ги известија дека денес сепак нема да биде отворен вториот кластер од причина што бугарската делегација не е задоволна од напредокот на работата на комисиите на Бугарија и Македонија и дека се додека во Уставот на РСМ зборовите „македонски јазик“ не се заменат со зборовите „западнобугарско наречје“ отворањето на вториот кластер нема да биде можно.

Во исто време во Брисел продолжија консултациите помеѓу земјите членки за предлогот на француската претседателка Марин Ле Пен која предлага, како преоден период за расформирање, Унијата да се трансформира во трослоен сојуз на независни и суверени држави. Нејзиниот предлог беше експресно прифатен од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој оваа година го слави својот дваесетгодишен јубилеј како премиер на Унгарија, како и од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како претседател на најмладата земја членка на Унијата.

12 јули 2033 година.

На Петровден, во Галичник се одржа традиционалната Галичка свадба на која младоженци беа синот на бугарскиот претседател Л’чезар Асенов, Свилен и неговата избраничка, познатата фолк пеачка, Светломира. Свадбата годинава ја бојкотираа сите граѓани кои имаат потекло од Галичник, но присуствуваа околу 2.000 гости на младите од сите краеви на Бугарија. Доколку гостите бидат задоволни од музиката и од јадењето ќе биде можно Северна Македонија да го отвори и третиот кластер. Во Европската комисија се чека извештајот од бугарското Министерство за надворешни работи.

Во меѓувреме во Брисел се одржа првата конференција посветена на расформирањето на Унијата на која беа утврдени принципите на овој процес кој ќе почне откако заклучоцие од конференцијата ќе бидат ратификувани од страна на парламетите на сите земји членки на Унијата.

12 август 2039 година.

Македонскиот премиер Артан Груби, на прес-конференција во Владата ѝ соопшти на јавноста дека конечно ќе биде отворен и последниот кластер во преговорите помеѓу ЕУ и РСМ. Тоа е резултат на постигнатиот договор на историската комисија за формулацијата на бугарската окупација на Македонија за време на Втората светска војна. Формулацијата со слeдната содржина им беше поделена на присутните претставници на печатот: „Во периодот од 1941 до 1945 година делови од територијата на сегашна Република Северна Македонија, која во тоа време била дел од Кралството Југославија, била администрирана од претставници на царството Бугарија. Големо мнозинство од населението на таа територија со одушевување го прифатило новото администрирање на бугарските власти кои немале никаква допирна точка со нацизмот ниту со фашизмот. Многу мал дел од населението кој бил асимилиран од србокомунистите се обидел да пружи отпор против мирољубивата бугарска администрација, за жал тоа им успеало со поддршка на сојузниците САД, Велика Британија и СССР.“

Додека сè уште траеше прес-конференцијата на Груби, во Брисел почна церемонијата за расформирање на Европската унија на ниво на земјите членки кои повторно си ги добија своите суверени права во меѓувреме отстапени на Унијата. Последниот расформирачки говор во име на Унијата го одржа Гризелда Саншајн, првата и последна трансродова претседателка на Европскиот совет, која им се заблагодари на земјите членки што заеднички ја донесоа и ја спроведоа одлуката за расформирање, а на последната земја кандидат за влез во Унијата ѝ се извини поради тоа што, не по вина на Северна Македонија, постапката за влез во Унијата повеќе не може да се заврши и ѝ посака среќа во понатамошната потрага по сојуз во кој ќе може да се зачлени.

Два дена подоцна, руската црноморска флота го зазеде Бургас, последното пристаниште на Црното Море кое не беше контролирано од руската армија, со што Бугарија остана без излез на Црното Море.

***

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот