7 C
Скопје

Весна Петрушевска: Никој не прашува како жртвата на сексуално насилство ќе се крене на нозе

Гостинка во „Слободен печат/„Женски печат“ со свој став ни е глумицата Весна Петрушевска, која пишува на актуелната тема за девојките (некои од нив малолетни), кои пријавиле во полиција дека сексуално ги вознемирувал српскиот познат сопственик во училиштето за глума, режисер и педагог, Мирослав Мика Алексиќ (68). Една од нив била и реномираната млада глумица Милена Радуловиќ.

„Тој е поголем од мене. Ми вели дека ако не кажам никому ќе биде тој за мене тука секогаш. Темно е во подземната гаража, мириса на влага. Се загледувам долу во моите мали нозе и гледам црн песок. Во живот не сум видела црн песок. Малечка сум, тој е џин. Ми вели дека ме знае од малечка. Јас сум малечка! Зошто ме донесе тука? Не знам дали ќе преживеам, гледам светлина од некаде, иако точно знам дека е приквечерина. Мислам на мама, сигурно ќе ме кара затоа што разговарам со непознати. Мамо, тој ме убеди дека те знае тебе, го знае татко ми. Ми се врти во главата. Ми течат солзи и не се солени. Ми вели да го допрам, а јас сум толку мала што не ни знам што е тоа долу. Ми вели соблечи ја маичката. Се измочкав од страв. Ми се врти во умот. Гледам еден жолт автомобил паркиран во гаражата. Почна да ме допира, плачам. Виновна сум, зошто ме присилува ова да го правам? Јас сум дете. Зошто мене ме довлечка тука? Лошо ми е. Барем да дојде некој да си ја земе својата кола од оваа гаража. Нема никој да ми помогне. Тој почна нешто да прави и ме гледаше право во очи. Постојано повторуваше да не кажувам никому, а ако кажам ќе ме начека и ќе ме казни. Си повторувам дека јас нема да лажам и ќе ѝ кажам сè на мама. Ми беше срам. Јас сум таа која не заслужува да живее. Јас сум виновна.“ Ова е само кратката верзија на една малечка жртва. Долгата верзија е за целиот живот.

Младата глумица Милена само го кажа тоа што ја измачувало со години. Од својот учител по глума, што за мене е најзастрашувачки момент. Актерската игра е неверојатна забава, читање драмски дела, игра, сонување, смеење. Не е читање молитви, миење лице и посебни проби во мала соба. Заложништво на мали деца. Лажен авторитет! Во потполност се согласувам кога вели дека немала сили и храброст да каже во тие денови кога била злоставувана. Таа состојба на ништожност, илјадници прашања зошто баш јас, зошто да не кажам дома, можеби ќе ми забранат да се занимавам со глума…

Прочитајте и...  Јавниот долг во функција на економскиот раст

Само жртвата има право да одмолчи и само таа има право да одлучи кога ќе каже

Читам, ја сослушувале пет часа. Кога си малечко девојче сослушувањата се исклучително тешки и поминуваш низ неколку фази во светот наречен правда. На Милена ѝ било пеколно затоа што морала да се врати во тие денови на мрак, во таа состојба на заробеништво. Страшно е! Врват коментари: „Зошто не кажала веднаш? Зошто чекала?“. Постојано повторувам дека само жртвата има право да одмолчи и само таа има право да одлучи кога ќе каже. Не е добро да молчи, а кога ќе признае тогаш е стигматизирана од општеството. Во истиот момент на злоставување, жртви се и родителите. Вината ја префрлаат на нивното невоспитување, негрижа и во ова време на социјални мрежи сите знаат сѐ, сите познаваат систем, а се всушност коментатори кои го држат својот излог незнаејќи дека може да им се скрши во раце. Самата помисла дека некој маж го допирал твоето дете, ја допирал со своите валкани раце, со својот јазик поминувал низ невиното тело… во тие мигови кога ја создаваш сликата пред себе ти доаѓа да му го откорнеш срцето со заби и да го фрлиш некаде на ѓубриште. Стануваш соучесник во злосторството од самата мисла во глава. Не поминува и не престанува. Со години имате загарантирани несоници и покрај апчињата што ќе ви ги препишат. Никој не прашува како жртвата ќе се крене на нозе. Да ви кажам, затоа што сте сите душебрижници. Нашиот систем нема развиено платформа за ментална хигиена. Кај нас е страшно ако завршиш на психијатар. Кај нас е страшно ако побараш помош од психијатар. Кај нас е страшно ако детето минува низ психоза како последица од злоставување. Зошто е страшно? Затоа што е жртва? Затоа што собрало храброст и кажало сè? Затоа што без помош од психијатар не можеш да се оправиш.

Прочитајте и...  ВИДЕО | Андоновиќ: Иако лидер по број на вакцини, Србија во карантин

Предаторот е со задача да повреди, да се самозадоволи

Има момент кога мислиш дека си надминал криза. Не, тогаш следува уште еден „тригер“, па уште еден. Сведочиш на умно мало девојченце како се справува со демони. Тоа нема цена, има живот или смрт. Никој, ама баш никој, нема право да ја осуди жртвата. Предаторот е со задача да повреди, да се самозадоволи. Тој се храни од млади деца, тоа го возбудува. Тој е вашиот комшија, учител, роднина. Кој би рекол? Што фин дечко! Тие не носат ознака за да ги предупредат нашите деца. Кога го гледате во судница очекувате да се извини, барем малку да се извини. Не! Ниту еден педофил не се извинил ниту признал дело. Ама материјалните докази се клучни. Да, ќе слушнете по пат дека детето е виновно од страна на неговиот адвокат, вештаци кои тој ги платил. Монструми кои се тука само поради пари.

Ги прашав на едно рочиште дали имаат деца. Ме гледаа бело, а судијката ме опомена да бидам пристојна. Тие непристојни родени, јас да сум била пристојна?! Ајде сериозно да зборуваме за последиците. Не се решаваат за еден месец, не заздравуваш од операција на скршена нога. Немерливи последици. Со месеци имаш страв дека некој повторно ќе те нападне. Тој страв се акумулира и потоа имаш експлозија во умот. Почнуваш да губиш интерес за училиште, нештата кои се важни – се неважни. Сакаш да се дружиш, ама другарчињата веќе имаат оформено мислење за тебе, што од дома, што од ограничени размислувања. Никој не сочувствува со тебе, а и не ти е потребно сожалување, оти борбата е твоја.

Дали вреди лицемерието на општеството?

Стигнуваме до најзначајниот миг. Дали е борбата само на жртвата? Каде е општеството тука? Се изморивме од дневна политика, ги фрливме децата и нивните права на буниште, флоскулно ги употребуваат за некоја кампања. Цел регион се крена на нозе. Така и треба! Кај нас се молчи, се пренесуваат вести, од време на време ќе дебатира некој на телевизија (евентуално ако дојде на ред темата од толку политичари што нè сотреа секојдневно во ударни термини) и тука завршува приказната. Не се зборува на глас оти мислите дека нема тоа вам да ви се случи. Кога се случува, тогаш сте сами затоа што никој не сака тажни приказни. Жртвата секогаш гледа и мисли три чекори однапред. Сите од нив без исклучок, се справуваат со панични напади, анксиозност, делузии, недоверба, несигурност, несоница, бркотници во глава, потреба од најголема љубов, учат петпати повеќе од останатите деца, плачат десет пати повеќе од останатите деца и се најемотивните суштества на планетава. Ангели се! Дали вреди лицемерието на општеството? Поминати се неколку години, јас ден денес кога ќе прочитам сведоштво, ми се руши светот и не ми е добро. Жртвата исто така, само со поголема диоптрија и стегнувања на срцето во лешник. Знаете од што највеќе се плашите како родител? Да не си наштети детето само на себе. Невино, без ништо да предизвика и да придонесе, жртвата врти во умот само да одземе. Да си одземе самиот себеси, зашто тој ден некој монструм од маало сакал да се задоволи. И да, се залагам за доживотен затвор. Постои хемиска кастрација и ги прашуваат овие бедници дали би се согласиле. Знаете кој е процентот? Еден (со бројка 1)! Не ви е дозволено да прашувате зошто молчела. Не ви е дозволено да си играте со лажниот морал. Не ви е дозволено да играте погрешни улоги. Дозволено ви е да се борите за жртвите на сексуално насилство. Дозволено ви е да ги прегрнете и да им дадете поддршка со љубов и разбирање. Солзите згрутчете ги во вас, задржете ги, тие не сакаат сожалување. Дозволено ви е да ги инспирирате да зборуваат кога ќе им се случи и да бидете тука за нив. Тие не се виновни!

Прочитајте и...  Зошто жените губат во градоначалничката трка?

Младата глумица Милена само го кажа тоа што ја измачувало со години. Од својот учител по глума, што за мене е најзастрашувачки момент. Актерската игра е неверојатна забава, читање драмски дела, игра, сонување, смеење. Не е читање молитви, миење лице и посебни проби во мала соба.

Весна Петрушевска

Поврзани вести

Многу изненадувања за 8 Март со myWorld

СП.

Објавена листата со пејачи кои ќе настапат на доделувањето на Греми наградите

Слободен печат

ФОТО | „Ова е сатанизам“: Северина ги вознемири верниците – Цел викенд враќаше на навредливи коментари

В.Т.

ВИДЕО | Румена Бужаровска: Жените читаат повеќе и сакаат да се идентификуват со женски ликови во книжевноста

Александра Бубевска

Колумна на Виолета Михајловска: Правата на жената низ историјата и денес

Во 2023 година скопјани конечно ќе добијат Забавен парк

Елена Вељановска

Остави Коментар