Веслиевска: Нашиот образовен систем не ја вреднува и наградува креативноста кај децата

Денес децата, образованието и културата се истуркани на самиот крај, а треба да се приоритет, затоа што тие ја носат иднината, вели Даринка Веслиевска, претседателка на Здружението „Жар Преспа“. 

Кога во 2018 година на Даринка Веслиевска не ѝ бил продолжен договорот за работа како наставник и останала без работа, се пријавила на менторскиот проект за организирање културни настани за деца во руралните области „Триаголници на соработка“. Ја добила поддршката од родителите и нивната доверба, а децата со радост и нетрпение чекале нов ден и нови активности. Тогаш Даринка сфатила дека децата од Преспа се подготвени и сакаат нешто ново.

Преку проектот се запознала и со чичко Сотир Чаушевски, почитуван и наградуван ветеран во аматерскиот детски театар во Ресен. На една случајна средба му дала адаптиран текст за новогодишна претстава што самата го напишала, и така тргнала креативната приказна. По првата успешна претстава, децата кога ќе ги сретнеле прашувале: „Кога ќе имаме нова претстава?“ Чичко Сотир пак, ја зел Даринка под своја закрила и заедно продолжиле во Домот на културата да режираат уште две претстави за деца како надворешни соработници. „Бел заб, здрав заб“, според текст од Ирена Златковиќ, и „Денот кога се заљубив“, според текст од Биљана Тодоровска. И 2019 година им била многу успешна, имале три премиери, седум репризи, едно гостување во Крушево, гостувале и кај децата со посебни потреби ОКР „Ресен“ и на манифестацијата „Преспански јаболкобер“.

Сцена од претставата „Новогодишна бајка“ 2019 (2)
Сцена од претставата „Пауна“ 2019
Сцена од претставата „Денот кога се заљубив“ 2019

На почетокот на јуни под покровителство на Општина Ресен и во соработка со Домот на култура „Драги Тозија“ – Ресен подготвиле и монодрама „Пауна“ со 16-годишната Сара Марковска, по текст на Мирјанка Селчанец, за учество на 17-от Интернационален фестивал „Актерот на Европа“ во Ресен, каде што ја зеле наградата за најдобар млад актер „Млада Европа“. Со монодрамата учествувале во Прилеп на „Културно лето“ и во Штип на фестивалот „Театар во куфер“, а имале и хуманитарна изведба.

 

– Поттикнати од интересот на децата, поддршката од нивните родители и бројните идеи за нови претстави, решивме да регистрираме наше здружение за граѓанска иницијатива во културата. Решивме дека особен интерес ќе ни бидат децата од 5-15 години, инклузивноста на децата со посебни потреби и културниот активизам во Преспанскиот регион. За името, искрено, долго размислувавме. Едно утро ми падна на памет зборот ЖАР како акроним од трите зборчиња: желба (за работа со деца), амбиција (од невозможното да се направи возможно) и радост (детската радост). Колку и да го потрупуваш со пепел, жарот сѐ уште тлее. Овие поими го изразуваа незгасливиот елан на сите основачи на ова здружение за поттикнување и изведување културни активности за деца и возрасни во својата средина, и покрај сите потешкотии и запоставеноста на уметноста и културата денес.

Даринка вели дека кога ја сакаш работата ништо не е тешко. Нејзините ученици ја засакале на најубавиот детски начин со чисто срце и топла, но силна прегратка, и сѐ уште знаат да ѝ се јават и да ѝ речат „моја прва наставничке“, а добар дел од нив од самиот почеток учествувале во претставите.

– Како наставник видов дека голем труд се вложува во административни работи кои исцрпуваат и не дозволуваат наставникот максимално да им се посвети на децата. Исто така, видов дека нашиот образовен систем не ја вреднува и наградува соодветно креативноста, имагинацијата и уметничкиот сензибилитет ниту кај децата, ниту кај наставниците. Се очекува само да се покријат наставните единици. А според мене, најтешко и најважно од сѐ е да се пренесе кај децата да ги почитуваат вистинските вредности – скромност, чесност, емпатија, да создадеш пријателство меѓу учениците и покрај нивните разлики, да погледнеш во детските очи и да стигнеш до детскиот ум, да го пронајдеш проблемот што го мачи и да го решиш без прашање, едноставно и постепено како што те води срцето. Тогаш си вистински наставник и педагог, и секоја чест за таквите наставници. Денешното општество не ги гледа овие вредности. За жал, политичката определба се чини најважна при вработувањето на еден наставник. Приватните училишта и културните институции покажуваат интерес, но и самите финансиски се преслаби. Денес децата, образованието и културата се истуркани на самиот крај, а треба да се приоритет, затоа што тие ја носат иднината. Од родителите и наставниците најмногу зависи какво општество ќе изградат преку своите деца и ученици, ни вели Даринка.

Сцена од претставата „Бел заб здрав заб“ 2019
Со Биљана Тодоровска, Мирјанка Селчанец, Сотир Чаушевски, Сара Марковска по премиерата на „Пауна“
Со директорот на Домот, Васко Василевски

Ја прашавме Даринка, со оглед на тоа што работат со над 70-на деца, како се снаоѓаат со финансиските средства.

– На аудицијата што ја објавивме на почетокот на оваа година се пријавија околу 100 деца. Ние планиравме да се направат најмалку пет претстави во кои сите ќе бидат вклучени барем по еднаш. Се водиме од девизата: „Сите деца умеат и сите што ќе се пријават ќе учествуваат!“. Но финансиите ми се најтешка тема за зборување. Искрено почнавме и сѐ уште работиме волонтерски и не сакаме да им наплаќаме на родителите на децата. За некои неопходни трошоци сами финансираме, но многу ни е потребна поддршка од некого за да им излеземе во пресрет на децата кои покажуваат толку голем ентузијазам! Голема поддршка имаме од Општина Ресен, бидејќи ни отстапуваат простор за одржување на пробите и претставите, за што сме многу благодарни. Имавме некои мали донации од драги луѓе кои многу ни значат, но главно правната регулатива за донации од физички лица кај нас не е доволно отворена, а фирмите се многу претпазливи. Доставуваме програми и апликации до локалната самоуправа, Министерството за култура, локалните бизниси и меѓународните и домашните граѓански организации и се надеваме дека некој ќе посака да ја поддржи нашата работа.

Од работилниците Триаголници на соработка_2018
Од првите училишни претстави
Со чичко Сотир и децата во ЖАР ПРЕСПА

 

Инаку, во тек е проектот #еЖарчиња, претставите кои требале да се играат на сцена, сега се прилагодуваат за видеа што ќе се снимаат со децата преку Zoom, а ќе може да се емитуваат на Фејсбук. Ќе има повеќе онлајн-проекти – етиди од претстави, радиодрами, рецитации, конкурси и предизвици, интервјуа, предавања и работилници.

Постер-еЖарчиња

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот