Весела Христовска: На македонската жена ѝ недостига повеќе самодоверба, време за себе и да знае да каже „не“

Најголемиот предизвик со кој се соочува македонската жена во ова општество е да биде сфатена сериозно во работите што ги прави.

Весела Христовска е чудо од жена. По професија е докторка, медицината е нејзина пасија, ама има и повеќе други страсти кои се, за некого, можеби малку небични. Имено, Весела, која е и музичарка, свири на тапани, а практикува и боречки вештини, како на пример, вештината Џит кун до, стил на улична борба, кој ги комбинира само добрите техники од разни боречки вештини. Значи, нема мајтап со оваа жена, која совршено се снаоѓа во „машкиот“ свет.

Од каде и од кога љубов кон музиката. И зошто баш тапани како музички интрумент?

– Музиката и уметноста ги сакам од кога знам за себе. Од мала пеам, играм, глумам и свирам, музиката ми е во крвта. Првиот настап го имав на петгодишна возраст, на шест години моите ме запишаа во нижо музичко училиште и мој прв интрумент беше клавир. Го обожавав клавирот, но како што растев и темпераментот ми стануваше сè понескротлив, па клавирот не ми беше доволен за да се изразам музички, сакав нешто слично, но различно. Кога сме кај тапаните, ги сакав отсекогаш, ми беа предизвик. Нивниот изглед, моќното чуство кое го имате дури тропате, слободата на музичко-емотивното изразување преку четирите сопствени екстремитети, одвојување на рацете и нозете, односно моментот каде рацете свират едно темпо, а нозете друго. Но и поради предизвикот зашто се смета за машки интрумет, сопствениот карактер, имагинацијата и нормално, поради огласот – „Давам приватни часови по тапани, кој беше пресуден момент за да почнам. Тука е и поддршката на моите родители кои ми овозможија оваа моја желба да стане реалност. Ќе ја искористам оваа прилика да кажам дека моментално со бендот на групата „Водолија“, со која соработувам веќе единаесет години, ја подготвуваме нашата нова песна што ќе излезе наскоро и, се надевам, дека ќе биде добро прифатена од публиката.

Интересно е што си активна во машките спортови. Бокс, на пример. Предизвик или женски одговор на машкиот свет?

– Не ми пречи што живеам во машки свет, сѐ додека во него можам да бидам жена!- се согласувам со овој цитат на Мерилин Монро. Џит кун до е боречката вештина што ја вежбам. Тоа е стилот на борба што го измислил Брус Ли. Се работи за стил на улична борба, кој ги комбинира само добрите техники од разни боречки вештини. Освен на борба, оваа вештина учи како да се контролирате себе.

При вежбањето на боречките вештини има неколку „болести“, а тоа се желбата да се победи, желбата да се покаже она што сте го научиле, желбата да се преплаши противникот итн. Џит кун до ве учи како тие „болести“ да ги излечите. Уметноста живее таму каде што е слободата. Член сум на „Стронгест Аеродром“ (The Strongest Aerodrom), клуб за мешани боречки вештини што го предводи мојот сопруг веќе 12 години. До скоро вежбав во машката група, но поради големиот интерес од страна на жените и разбивање на стереотипите дека се работи за машки спорт, отворивме и женска КИК-ФИТ група, каде што освен кардио тренинзи, се учат техники за одбрана и напад, подигнување на самодовербата и зајакнување на телото и духот.

Како се уриваат стандардите? На кое поместување на граница би можела да се гордееш?

– За да ги урнеме стандардите, да ги поместиме границите и да имаме успех во животот воопшто, многу е важно да бидеме истрајни во она што го преземаме. Треба да имаме силна мотивација, односно да знаеме и да сакаме себеси да се мотивираме – „Сè што ќе си нареди, човечкиот дух ќе го оствари“. Акцентот е на самомотивацијата и истрајноста. Тоа што јас си го наредувам и она за што со цело срце ќе се одлучам, тоа лесно и ќе го остварам. Кога нешто навистина сакам и сум подготвена за тоа да платам „голема цена“, тогаш целата моја енергија и интелектуален потенцијал се активираат во мене и почнуваат да работат за мене. Со себе се гордеам секој ден, зашто постојано ги поместувам границите и сум најдобрата врезија од себе во секој момент и сегмент од животот. Со силна мотивација, труд, работа на себе, пожртвуваност, истрајност, смиреност на духот и пред сѐ со љубов кон самиот себе, не постојат граници што не можат да се поминат. Кога можам јас, зошто да не можете и вие?! Едноставно е, пробајте!

Од другата страна на медалот-авангарда, работиш како доктор по општа пракса. Кои се современите болести за кои навреме треба да превенираме?

– Медицината е моја пасија. И повторно да се родам, пак би ја избрала неа. Кога им помагате на луѓето се чувствувате, среќни, исполнети, живи. Женското здравје е состојба на емоционална, душевна, социјална, културна и физичка благосостојба на жените, која истовремено е детерминирана од нивниот општествен и економски статус, како и од нивните биолошки карактеристики. Денес, за жал, малигните и душевните болести земаат сè поголем замав.

Превенцијата е најдобрата алатка кога се работи за која било здравствена состојба, односно болест.

– Редовна посета на гинеколог, правење на ПАП-тестови и ХПВ-типизација е превенција од рак на грлото на матка.

– Самопреглед на дојките треба секоја жена да прави пред огледало барем еднаш месечно. Со овој преглед се превенира ракот на дојки.

– Душевно-емоционалните состојби денес се доста чести и застапени, а жените се повеќе склони кон депресија. Срамот, неедуцираноста и комплексите поради опшеството – „што ќе речат другите“ не дозволуваат редовна посета на психолог или психијатар. Но тоа е погрешно. Депресијата е сериозна болест која не исчезнува сама од себе. Таа е единствена смртоносна болест во психијатријата, бидејќи само депресивната личност може да направи самоубиство, затоа бара сериозен пристап и лекување. Обраќањето кон стручно лице не е знак на слабост, напротив, тоа е знак на сила и храброст.

– Вежбајте секојдневно по дваесет минути. Пронајдете го вашето хоби, преку кое ќе се „излечите“ и ќе бидете полни со енергија. Обрнете внимание и на нега на вашето ментално здравје, со што ќе практикувате јога, ќе медитирате, ќе прочитате некоја добра книга или едноставно ќе ја пуштите вашата омилена музика. Бидете среќни и весели, радувајте се и заблагодарувајте се на секој момент што го живеете.

Интересна си како личност, со богат внатрешен свет, која Македонка, според тебе, е жена со стил?

– Иако имам неколку на ум, нема да издвојам ниту една, бидејќи модниот идентитет оди рака под рака со личниот. Тоа не се купува. Кога секоја жена ќе се пронајде во општеството со тоа ќе си дојде и модниот идентитет. Стилот не го дефинира купувањето на трендовски парчиња избрани од каталог по најнова мода. Нашиот стил го оформуваат музиката која ја слушаме, професијата, друштвото и местата каде што се движиме. Стилот е умешност како да ја комбинираме облеката и да ги носиме тие комбинации на наш индивидуален начин. Сè додека облеката ја носиме ние, а не таа нас, не ни е загрозен модниот идентитет. Важно е да се избегне шаблонот и да најдеме еден моден правец кој постојано ќе го надградуваме без разлика на актуелните трендови. Секако, битна е и економската состојба и степенот на модната освестеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот