Верувај, ама и провери

Можеби ќе бевме колеги, ако некој во Светскиот сервис на Би-би-си подетално ја разгледаше неговата апликација. Или можеби ако тој беше посериозен во пополнувањето на формуларот и кажеше зошто сака да работи како новинар, што може да придонесе со своето знаење и искуство и што воопшто сака да работи во животот. Ако неговиот одговор беше – „сѐ“, можам да го разберам, блиско ми е тоа, новинарството овозможува да си „универзален сезнајко“. Или „универзален незнајко“, во зависност од тоа од кој агол ја гледате работата и што сѐ си дозволувате (или ви дозволуваат) да правите во името на информирањето на јавноста. Ама како излегоа работите, не станавме колеги. Tој во октомври стана седумнаесеттиот шеф на тајната разузнавачка служба на Обединетото Кралство во 112-годишната историја на службата позната како МИ6, под кодното име „Ц“. A jас и натаму сум новинарка, опседната со медиумите.

Се вика Мур, Ричард Мур. И нема никаква, ниту роднинска врска со британскиот актер Роџер Мур, кој беше еден од Џемсбондовците во најпознатите шпионски филмови за агентот со дозвола да убива на МИ6. Но, е првиот член чијшто идентитет ѝ е откриен на јавноста, во интервју за „Сандеј тајмс“ и Тајмс радио, во обид да се демистификува организацијата за која до 1992 година официјално се негираше дека воопшто постои.

Самоуверен и со Твитер

Башка и така некако е како таен агент. Висок, со сини очи, со сега малку побелена коса, со сета мудрост и знаење и искуство на неговите 57 години. Делува самоуверено и се гледа дека ужива во работата. Фотографиран е некаде во природа во некоја шума, па не знаеме ни дали има женадецакучемаче…

Вели дека на јавноста не може да ѝ открие детали за нивните агенти и методи, или за резултатите кои ги остваруваат, смета дека е важно јавноста да има подобар увид во службата и дека „тука работат луѓе што ве штитат и кои се грижат за нашите интереси во странство“. Пред да стане „Ц“, Ричард беше амбасадор во Турција и вели дека таму ги сакаат теориите на заговори, па затоа е и на Твитер, да ги оспорува и да ја објаснува Британија. Можете и да го следите на Richard Moore @ChiefMI6, воопшто не е тајно. Но, настрана турските теории на заговор, една од најголемите грижи на Мур е рускиот претседател Путин и она што го опишува како негова „ небрежност“. Откри како Соединетите Држави и Британија го предупредиле Путин дека би платил значителна цена ако не ја повлече најголемата концентрација на војска од границата на Украина од крајот на Студената војна. И како минатата недела биле повлечени речиси 100.000 луѓе од границата. И за експлозијата на фабриката на муниција во Чешка зад која стојат, според него, без сомнение и руски разузнавачи, истите оние одговорни за нападот со новичок во Солзбери во кој настрада Сергеј Скрипал (наводен) поранешен агент на МИ6, а каде што за малку беше избегната голема човечка катастрофа во Обединетото Кралство.

Новите сериозни активности на британските разузнавачи, според нивниот шеф, ќе бидат – климатските промени. Мур вели дека глобалното затоплување е „едно од најголемите и најважните прашања на меѓународната надворешната политика, и на оваа земја и на планетата Земја“. Кога се потпишуваат договори и протоколи за климатските промени, можеби е и наша работа да обезбедиме дека она што го потпишале е она што навистина го спроведуваат. Ќе ја користиме руската поговорка, вели „Ц“, верувај, ама и провери.

Како ќе го прават тоа? Агентите со двогледи од грмушки ќе гледаат колку чад излегува од некоја Железара или некоја Топилница или Термонуклеарка и ќе мерат, па ќе им дојдат на директорите, министрите и претседателите и…? Мур вели дека „имаат начини“. Заштитата на човековата околина е уште една работа што ќе ни беше заедничка и крајно време е и тајно и јавно да се изврши притисок загадувачите „да ја платат цената“.

Ричард признава дека ги сака филмовите со Џемс Бонд (исто), дека има некои елементи, но дека Бонд е прекрасно непокорен во работата и не ѝ е „послушен“ на „М“, така што не би бил добар да неговата служба. Значи, и двајцата добро сме ги одбрале работите. Во неговиот случај, загубата на Би-би-си е добивка на МИ6.

Мртвите тела на БоЏо

Додека новиот шеф на МИ6 веќе „работи на случајот“ од Москва до Кина преку Авганистан, нашиот домашен шеф тука работи на тоа како да се извлече од најновите скандали. Едниот е дека на седница на влада во октомври минатата година, Џонсон рекол дека „нема да има втор локдаун, па макар и мртви тела надвор да се трупаат едно врз друго“. И потоа имаше втор локдаун и починаа повеќе од 150.000 луѓе. Сега муабетите се на ниво „рече“, „не, не рече“, „ама рече“, „ама не рече кога ти велам“, „ама рече, јас го знам човекот“, „ама не рече, плус ти немаш ниту телефон од него“. Овие високоинтелектуални муабети се и натаму во тек, опозицијата се згрозува и бара истрага и оставки, а народот се забавува во отворените пабови и кафеани уживајќи во најниските бројки на заразени од ковид19. Инаку, гафот на БоЏо, ни прв, а во никој случај последен го објавија и десничарскиот „Дејли мејл“ и либералниот Би-би-си, па изгледа дека е прилично веројатно точен. Изворот е, се смета, довчерашниот главен, а сега отпуштен советник на премиерот, сивата еминенција, Доминик Камингс, креаторот на брегзит.

Како напуштен љубовник, отпуштениот Камингс сега се одмаздува и една по една вади афери, па паралелно со „мртвите тела“, отвори прашање дали реновирањето на домот на Џонсон, Даунинг стрит 11 и прес-канцеларијата било платено од донатори, што е забрането, а потрошената сума е далеку поголема од одобрената. БоЏо има репутација на циција, а често е фаќан во лага, па малку кој му верува дека дал 60.000 фунти свои пари за реновирањето. Легендарни се неговите упатства на гостите „има да изедете сѐ, јас го плаќам ова“, колегите од „Дејли телеграф“ не паметат некогаш да честел кафе или чај, а за нешто појако и да не зборуваме. Неговиот поранешен уредник Макс Хејстингс уште го чува писмото во кое БоЏо, по долго потсетување, требаше да го исплати изгубениот облог за изборите во 2010 година. „Изгубив, еве го приложувам чекот“, напишал Џонсон. Трипати го превртев пликот, вели Хејстингс, ама чек немаше. Типичен Борис. Тогаш новинар. Ама сега премиер.

 

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот