Вербалните престрелки меѓу Софија и Скопје ги намалуваат шансите за напредок

epa08546948 Leader of the ruling party SDSM Zoran Zaev addresses to the media after voting in the city of Strumica, Republic of North Macedonia, 15 July 2020. Almost two million Macedonians vote in a early Parliamentary elections three months after they were postponed due to the coronavirus pandemic. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонија за време на португалското претседателство до крајот на јуни не може да се надева на исчекор во евроинтегративните процеси и покрај охрабрувачките пораки што ги упатија министрите за надворешни работи на Словачка и на Чешка дека не е дозволиво Бугарија да поставува нови услови за да се усвои преговарачката рамка, сметаат познавачите на процесот.

По декемвриското бугарско вето, во Брисел се прават напори за враќање на довербата меѓу двете земји, но Бугарија не е подготвена за отстапки, што покажува и вчерашната остра реакција на европратеникот Андреј Ковачев на изјавата на премиерот Зоран Заев дека Бугарија води анахрона политика кон Македонија. Високиот функционер на владејачката ГЕРБ му порача на Заев да не се надева на преговори и компромиси „со толку обвинувања, лаги и омраза кон Бугарија“.

Ковачев: Зар земја кандидат да критикува членка на ЕУ?

Ковачев во својата изјава ја потенцираше надмоќта на Бугарија над Македонија.

„На официјалната веб-страница на владата на земја кандидат за членство во ЕУ се дава проценка полна со лаги за земја членка на ЕУ. Дали премиерот Заев ја обвинува Бугарија за анахрона позиција, спротивна на меѓународното право? Дали ја обвинува Бугарија дека не го признава нивниот модерен идентитет и јазик? Дали ја обвинува владејачката партија и целата бугарска политичка класа за блокирање на Македонија заради изборите? Дали тој ја обвинува Бугарија дека гледа во незначителни теми поврзани со минатото, наместо да гледа во иднината?“, реагираше Ковачев, пренесе БГНЕС.

Тој го нарече лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски „досега неприкосновен шампион во омраза кон Бугарија“ и го праша Заев како се разликува од него.

Завчера премиерот Заев рече дека првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕК требало, но не се случила поради одлуката на Бугарија која зазеде „не баш пријателска позиција“.

– Јас многу верувам дека тоа е бидејќи изборите се многу блиску во Бугарија, а ние политичарите не сме многу прагматични кога станува збор за избори. Верувам дека ќе најдеме решение веднаш по изборите, бидејќи ова е смешен проблем. Не треба да размислуваме како некого да блокираме или стопираме, туку да гледаме кон иднината и да ја обезбедиме – рече Заев на панел-дискусија што завчера ја организираше американскиот тинк-тенк Атлантски совет.

Заев потенцираше дека е во интерес на Скопје и на Софија да продолжи дијалогот.

– Не сакаме да дојде до замрзнување на преговорите, но сепак постојат некои црвени линии кои ние не можеме да ги поминеме. Бугарија разбира дека ние имаме право на нашиот суверенитет и право на самоидентификација, да се чувствуваме како Македонци, да го зборуваме нашиот македонски јазик. Ние овде ги почитуваме сите европски идентитети и немаме претензии кон Бугарија или кон која било држава. Сметам дека нивниот сегашен став е анахрон и е спротивен на меѓународното право – рече Заев.

Кацарска: Минимални шанси за преговори до јули

Според Симонида Кацарска, директорка на Институт за европска политика, јасно изразената поддршка што ја добивме од словачкиот и од чешкиот министер, Иван Корчок и Томас Петричек, не значи дека ќе се случи пробив.

– На сите ни беше добредојдена таа реакција од чешкиот и словачкиот министер, но рано е да предвидуваме дали ваквото спротивставување на двете земји ќе биде одлучувачко за тоа дали ќе има пробив во македонските евроинтеграции или не. Сепак, одлуките во ЕУ се носат со  консензус и сѐ додека Бугарија се спротивставува, нема да има исчекор – вели Кацарска за „Слободен печат“. 

Таа се согласува дека директното спротивставување на Чешка и Словачка ја изолираат Бугарија во нејзините идентитетски и историски барања кон нас, но додава дека до тамошните избори не може да очекуваме ништо.

– Ние овде имаме перцепција дека Бугарија е изолирана во својот став кон Македонија, но колку и да е осамена, до изборите ќе истрае на ставот. Во дискусии со познавачите на процесите се согласуваме дека за време на португалското претседателство има сосема мала шанса да има некаков исчекор кон крајот на мај или јуни, но тоа ќе зависи од идната бугарска влада – вели Кацарска.

Министрите Корчок и Петричек во заедничка колумна изразија недвосмислена поддршка Македонија да ги почне преговорите со ЕУ за време на португалското претседателство и потенцираа дека Унијата не смее да стане колективен судија за историски толкувања, бидејќи тоа би било големо отстапување од принципите што досега го регулираа процесот на проширување.

Се зголемува евроскептицизмот кај младите

Резултатите од два истражувачки труда покажуваат дека во 2020 година е ставен крај на долгогодишниот тренд на опаѓање на поддршката за ЕУ во Македонија, при што 69 отсто од населението го поддржува членството во Унијата, што е за четири процентни поени повеќе во споредба со претходната 2019 година. Овие податоци беа изнесени на завчерашната дискусија на Атлантскиот совет.

Паралелно, воочлив е и раст од три процентни поени на евроскептицизмот, односно лани 22 отсто од граѓаните имале евроскептични ставови. Исто така, расте поддршката и кон Евроазиската унија како алтернатива на членството во ЕУ и тоа за 13 проценти во однос на 2019 година.

Претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски рече дека идната година беше прилично несреќна за македонските амбиции за пристапување кон ЕУ, а бугарското вето сериозно го оштетило процесот.

– Кредибилитетот на Унијата и на процесот сериозно се нарушени. Иако целокупната поддршка за ЕУ сѐ уште е силна, скептицизмот се зголемува, особено кај младите, а поддршката за Русија постојано расте. Испитаниците се уште ја гледаат ЕУ како најдобар странски сојузник, но ЕУ веќе не се гледа како странски фактор со најголемо влијание и заостанува зад САД. Прашањето е дали ЕУ има план Б за нас и за регионот – изјави Трошановски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот