Вера Јанковиќ: Забот на времето не ми може ама баш ништо!  

На македонската естрадна сцена ѝ недостига сопствен печат, идентитет, креативност, умеење да се изнесе формата низ призма на содржината, вели диџејката и музичарка Вера Јанковиќ.

Сигурно нема да ѝ се допадне што ја најавивме како урбана жена, зашто таа е девојченце облечено во сите мириси и бои на животот. Таа е Петар Пан во женска верзија.

Која е формулата за топ изглед на твои години?

– Формулата е: мама + тато + 11.1.1964 + чекано и со љубов обликувано дете = девојченце облечено во сите мириси и бои на животот, преполна со енергија која поместува планини. Кога на сè тоа ќе додадеш неизмерна почит и контрола на сопствениот дух и тело, добиваш финален „производ“ на кој забот на времето не може да му откине ама баш ништо! Единствено неговите подзаострени нокти ќе остават по некоја бразда, животна линија која пак, во себе ја носи целата приказна за еден изоден пат, полн со убавини, авантури, музика и патувања.

Какви се денешните скопјанки кои доаѓаат на твоите настапи?

– Не само скопјанки! Тоа се златни, македонски девојчиња, задоени со звуците на  60-те, 70-те, 80-те, 90-те… сè она ново од светското, петолиние што заслужува место за внимание и почит, без никаков компромис! Зборувам за она што го доживувам на сопствените настапи, затоа што и само таму излегувам. Росна капка на дланка…

Што ѝ недостига на македонската естрадна сцена од поглед на модата?

– На македонската естрадна сцена ѝ недостига сопствен печат, идентитет, креативност, умеење да се изнесе формата низ призма на содржината.

Каде е и со кого забавата во нашето Скопје?

– Таму каде што сум јас!

Дали и каде градот го загуби духот?

– Гледаш, лесно е да го пуштиш и загубиш, да не му отвориш врата повторно да влезе… Да, ова се нови (не) времиња, со опасни струи и бури! На мојот, односно нашиот простор, вечно сонцето ќе сјае, тоа е вистинската Македонија! Па, добредојдени сте.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот