Венко Филипче: Верувам во позитивно сценарио за коронавирусот

ФОТО: МИА

Филипче додаде дека искрено верува во позитивно сценарио за коронавирусот, бидејќи позитивни примери има во Вухан, но за тоа, ќе треба сите граѓани да ги почитуваат мерките за самоизолација и за избегнување на социјалните контакти.

Тестот за коронавирус никаде во светот не е стопроцентно сензитивен, рече вечерва министерот за здравство, доктор Венко Филипче, образложувајќи го текот на лекувањето и медицинскиот надзор кој се одвивал врз сега починатата жена од Куманово, која двапати била тестирана за коронавирус, но нејзиниот тест двапати бил негативен, а постхумно, бил позитивен.

Информацијата дека сега починатата пациентка била трипати тестирана за коронавирус, а дека првите две тестирања биле негативни, предизвика реакции и недоумици кај јавноста.

Министерот изрази сочувство до семејството и сподели податоци кои ги добил од болницата во Куманово, како и од службата за епидемиологија во Центарот за јавно здравје.

-Првиот преглед на пациентката е направен на 16 март. Таа дошла со температура и без други симптоми. Според кажувањата веднаш биле поставени прашања од епидемиолошката анкета, на што таа одговорила негативно, дека не патувала во странство и немала контакт со лица од ризичните земји. Дадена е терапија и пуштена е на домашно лекување. Следниот ден, на 17 март дошла со синот, и двајцата имале покачена телесна температура и без кашлица. Повторно им била направена епидемиолошка анкета на која е негирана евентуална поврзаност со странец или патување во странство. На 17 и 18 март примаат терапија, повторно немаат кашлица. На 19 март, со нешто потежок наод на белите дробови со индикација на рентген снимка, констатирана е пневмонија и двајцата се сместени во одделот за изолација. Тогаш и кај мајката и кај синот се земаат брисеви за корона тест. На 19 и на 20 направени се во два наврати анализи на материјалот. На 19 ти на двајцата и тие се негативни. А на 20ти се повторува тестот на мајката, согласно препораките на СЗО, ако негативен тест е во комбинација со потешка клиничка слика која може да укажува на постоење на болест предизвикана од коронавирус. И тој повторен тест е негативен. На 21 март состојбата се влошува. Направени се обиди за реанимација, неуспешно, по што пациентката починала. Со оглед на тоа што и компликацијата настанала нагло, нетипично за друга болест, пост мортем е земен уште еден материјал кој е испитан и тестот е позитивен на коронавирусот. Преиспитани се материјалите кои се иницијално земени. Повторно е потврдено дека се негативни, објасни министерот Филипче.

Тој рече дека по разговорот со експертите и консултирањето на стручната литература, констатирано е дека тестот никаде во светот не е стопроцентно сензитивен и тоа е докажано. Се прави епидемиолошка анкета со здравствените работници од кумановската болница и ќе се постапи според информациите, дали ќе одат во изолација.

На прашањето од редакцијата на Слободен печат, дали Македонија ќе увезе лекови кои во други земји се покажаа успешни при лекувањето на ковид 19, министерот Филипче рече:

-Тоа се последни податоци во однос на комбинацијата на тие лекови, против маларија и уште еден антибиотик. Тие се во фаза во која кај нас се изготвува протоколот заедно со експерти од Факултетот за фармација. Утре ќе се дискутира тој протокол на стручниот состанок на комисијата за заразни болести, ќе се презентираат клиничките студии, ефикасноста и ќе донесеме став. И точно е, во светот веќе има студии кои укажуваат дека оваа комбинација на лекови дава соодветен ефект. Ние го имаме антибиотикот, лековите против маларија ги немаме. Имавме интензивна комуникација минативе денови, така што верувам дека имаме шанси да добиеме соодветна количина на лекот, објасни Филипче.

Хрватските и француските медиуми, објавија дека Сумамед и еден лек против маларија, даваат добри резултати за лекување на ковид 19. Наводно, за 6 дена пациентот е излечен. И нашето министерство за здравство презело протокол од други земји, каде веќе се дава оваа терапија.

Филипче додаде дека искрено верува во позитивно сценарио за коронавирусот, бидејќи позитивни примери има во Вухан, но за тоа, ќе треба сите граѓани да ги почитуваат мерките за самоизолација и за избегнување на социјалните контакти.

Пикот на болеста во наши услови, според министерот може да биде за еден месец од денеска.

Лабораторијата Жан Митрев, како што додаде тој, има соодветни услови за испитување на коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот