Венко Филипче: Ја слушнав изјавата на Чулев, извештајот за велешанката не е завршен

Министерот за здравство Венко Филипче повика МВР да им ги испрати сите нови сознанија на експертите од Судска медицина по службен пат.

Кога починала велешанката Катица Маноилова чие безживотно тело беше пронајдено во нејзиниот стан во Велес, а подоцна при обдукцијата во трахеата биле пронајдени траги од коронавирусот останува енигма.

Министерот за здравство доктор Венко Филипче повикувајќи се на извештајот на судска медицина, рече дека смртта настапила на средината на март, кога во земјава веќе имаше потврдени случаи на коронавирус, со што случајот повеќе не е интерес на Министерството за здравство, како што беше претходно, кога се дискутираше дали коронавирусот го имало во земјава рано, уште во декември или јануари.

Но, вчера министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, рече дека од оперативни сознанија на терен, велешката полиција утврдила дека смртта настапила на крајот на јануари или почетокот на февруари. На ова укажуваат активностите во станот на починатата жена, кои престанале на средината на јануари. Последно таа вртела на броеви за брза помош, за во јануари, одеднаш телефонската комуникација во станот да замре. И разговорите што полицијата по налог на јавното обвинителство ги направила со соседите, продавачите во маркетот каде Маноилова и нејзиниот син пазареле, укажале дека од јануари не ги видел никој. Случајот не е затворен и уште не е официјално утврдено времето на настапување на смртта.

Вирусологот доктор Никола Пановски прв алармираше за можноста брисот земен од страна на судска медицина да е лажно позитивен, како што тоа се случува за одреден број тестирања, насекаде во сите земји, ама тоа досега никој не го потврдува. Досега, институциите немаат дојдено до консолидиран одговор, дали жената починала во јануари, дали брисот е лажно позитивен или починала на средината на март кога пандемијата веќе ги даваше бројките на заразени во земјава?

Министерот за здравство Венко Филипче повика МВР да им ги испрати сите нови сознанија на експертите од Судска медицина по службен пат.

-Ја слушнав изјавата. Сметам дека апсолутно сите институции кои имаат дополнителни информации треба да соработуваат меѓу себе. Осетлива е работата, особено во однос на ова прашање. Институтот за судска медицина има огромен број години искуство во својата работа, експертиза. Таму работеле учители наставници, професори и луѓе кои имаат огромно искуство и тоа го пренесоа на сегашните генерации. Ако има некои информации кои досега МВР не ги споделило со институтот, да го направат тоа по службен пат. Не е целосно завршен овој извештај од Судска медицина, но согласно првичниот наод и при повторниот увид, укажаа на тоа дека смртта се случила неколку недели пред телата да бидат пронајдени. Официјална комуникација меѓу вакви сериозни институции за вакво сериозно прашање треба да биде единствениот канал за да се дојде до точните резултати сознанија и сето тоа да го соопштиме на јавноста, рече министерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот