Венко Филипче: Главниот проблем е што има носители на коронавирусот без симптоми, седете дома!

Во Институтот за јавно здравје дневно се анализираат околу 250 до 280 материјали за да се утврди дали се позитивни на коронавирус, но имало денови кога пристигнувале и по 600.

Владата утре е можно да донесе построги мерки за понатамошно спречување на коронавирусот во земјава. Ова произлезе од изјавата на министерот за здравство доктор Венко Филипче од денешната прес конференција, но и од двочасовниот брифинг кој претходно го имаше со новинарите и со претставници на повеќе јавноздравствени установи, епидемиолози и експерти.

Утре на Комисијата за заразни болести ќе бидат предложени зајакнати мерки. Не се спомена точно на што се однесуваат овие мерки, но кажано беше, дека влегуваме во втората фаза односно период на прекршување и се очекува во наредните денови бројот на заразени со коронавирус да расте, а максималниот број да го достигне на крајот на април со потенцијални 2000 случаи.

Во Институтот за јавно здравје дневно се анализираат околу 250 до 280 материјали за да се утврди дали се позитивни на коронавирус, но имало денови кога пристигнувале и по 600. За секој материјал, потребни се шест часа за да се докаже или отфрли присуството на вирусот, а лабораторијата работи во три смени, 24 часа дневно.

– Очигледно е дека имаме поголем број на случаи и влегуваме во втората фаза на епидемијата. Најпрво дозволете да кажам дека утре ќе имаме дискусија во рамки на комисијата за заразни болести во која ќе предложиме зајакнување на мерките. Бројот на заболени ќе расте во неделите пред нас, пикот го очекуваме на крајот на април и очекуваме 2000 пациенти иако многу фактори влијаат на овие предвидувања. Апелирам физичките контакти да се сведат на минимум. Еден од главните проблеми е што има асимптоматски носители на вирусот а ширењето од овие носители може да се спречи само со седење дома. Сакам да испратам порака до моите колеги здравствените работници, да се штитат и на работа и надвор од работните места. Да се пазат постојано, зашто улогата на здравствените работници, здравјето нивно е од примарно значење во државата. Многу животи зависат од нив. Така ќе превенираме епидемија од поголеми размери, ќе останат здрави тие што се здрави, рече министерот Филипче.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје има 74 хоспитализирани пациенти. Од нив 15 се во тешка состојба. Минатите 24 часа се примени 6 пациенти на оваа клиника, а од нив почина едно лице. Примено е и двегодишно дете кое е во стабилна состојба.

Претседателот на комисијата за заразни болести доктор Жарко Караџоски упати апел до граѓаните.

-Без разлика на се, останете дома. Така ќе ве вклучиме во тимот кој се грижи за вашето здравје! Бидете тимски играч заедно со нас! Комисијата за заразни болести има и други мерки кои сме спремни да ги предложиме и тие се со зголемена рестриктивност. Бидете ни дванаесетти играч, како во фудбалот, помогнете со тоа што ќе останете дома, рече доктор Караџоски.

На Клиниката 8 Септември има еден пациент со коронавирус на респиратор, а тројца со полесна клиничка слика со кислородна маска.

Заразени се 52 здравствени работници од кои 34 во болнички услови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот