Венециски клип во коалициските тркала

Како институција сме подготвени да го имплементираме мислењето на експертите на Венецијанската комисија за Законот за јазиците, изјави вчера премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање.

– Сето тоа што го предлагаат е на нивото на европските практики и сакаме да учиме од Венецијанската комисија. Рековме дека ја почитуваме Венецијанската комисија, која ќе го даде нејзиното конечно мислење, бидејќи досега како што коментираа, што е поважно – дали владеењето на правото и очекувањето да се добие правда или употребата на јазикот. Можеме да дадеме објаснувања колку се важни правото на јазикот и на правда, за на крај да можеме да дадеме свое мислење и да можат тие да го оформат своето мислење – рече премиерот Заев.

На новинарско прашање за забелешката на пратеникот на ДУИ Артан Груби, кој коментира дека „цената на мирот е неспоредлива со цената на имплементацијата на законот“, односно дека со законот е купен мир, премиерот Заев посочи дека законот е човечко право што произлегува од правото на употреба на јазици и јазикот е средство за разбирање, за животот да ни биде полесен.

– Оттука и доаѓа буквално употребата на јазиците. Тоа е уставно право на граѓаните. Ништо не се сменило во нашата држава, а граѓаните имаат дополнително право да си го користат – рече Заев.

Тој притоа посочи повеќе практични примери за употреба на јазикот, како при добивање социјална помош и како тоа ќе послужи ако една стара возрасна жена знае само албански јазик или, пак, жена Ромка која живее во Шуто Оризари и не знае на друг начин да комуницира за да го оствари ова свое право.

– Дефинитивно треба да бидеме демократи да донесеме закон, а Венецијанската комисија ќе ни ги даде своите укажувања и конечно сме подготвени да го имплементираме. Бидејќи ако сакаме да влеземе во Европската Унија, треба да ги почитуваме европските институции – истакна Заев и дополни дека во државата сè е транспарентно и сите знаат како се одвиваат процесите.

Според неофицијалните информации, мислењето на Венецијанската комисија е дека предвидената употреба на јазиците, особено во судството, ќе предизвика парализа на правниот систем, надвор е од европските стандарди за употреба на јазиците и е непрактичен и скап зафат.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера во врска со Законот за јазиците изјави дека треба да се почека Венецијанската комисија да излезе со конечен извештај, по што, како што рече, „ќе се види што од тоа може да одговара на нашиот политички контекст, а што е спротивно од нивните согледувања, спротивно од Рамковниот договор, спротивно од нашите погледи како треба да го развиваме нашето мултиетничко општество и мултиетничка држава“.

Според него, Законот за јазици е еден од основните столбови на Охридскиот рамковен договор, закон со кој може да кажеме дека административниот дел од Охридскиот договор е затворен и Република Северна Македонија, подвлече тој, влегува во едно постохридско поглавје во имплементација на духот на Рамковниот договор.

– Секое враќање назад ќе значи отворање на Рамковниот договор и нови преговори – потенцира вицепремиерот Османи.

Министерството за правда вчера посочи дека нема да го коментира мислењето на експертите на Венецијанската комисија за Законот за јазиците сè до неговото усвојување од комисијата кога станува официјално.

– Мислењето на експертите на Венецијанската комисија е класифицирано сè до неговото усвојување од Комисијата кога станува официјално. До неговото официјализирање нема да го коментираме, а штом ќе биде усвоено ќе го почнеме процесот на имплементирање на препораките содржани во него – велат за МИА од Министерството за правда.

Пендаровски: Не коментирам драфт-верзија протечена од политички причини

Во врска со драфт-верзијата на Венецијанската комисија за Законот за јазиците, шефот на државата Стево Пендаровски вчера изјави дека тој уште во кампањата за претседателските избори ја потенцирал потребата од подигнување на нивото на употребата на албанскиот јазик во земјава.

– Во однос на конкретното прашање, мораме да внимаваме. Значи, станува збор за драфт, за нацрт на документ кој е пробиен претпоставувам од нечии лични или политички причини, предвреме. Да почекаме да биде официјално објавен и јас би сакал да видам дали тоа што на една или две странички беше објавено, а документот има многу повеќе страници, ќе остане со истите формулации докрај – рече Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот