Велосипедски патеки има, но со пречки на патот, неопходни се стандарди за изградба
За непочитувањето на другите учесници во сообраќајот од повеќето граѓани што не се делат од своите автомобили може многу да се говори, но залудно е доколку надлежните не се погрижат и на велосипедистите и на пешаците да им понудат еднакви можности за непречено и безбедно движење, особено во услови кога во градот единствена можност за јавен превоз се автобусите.
Во Скопје има околу 130 километри велосипедски патеки, но стандардите по кои се изградени, сообраќајната некултура и доминацијата на автомобилите им го отежнува на велосипедистите движењето низ градот. Една прошетка низ поширокото централно подрачје доволно покажува со што сѐ се соочуваат љубителите на „две тркала“ – контејнери и бандери среде велосипедските патеки, необележени ленти за движење кај автобуските станици, претесни ленти издвоени со широко поставени столпчиња на сообраќајниците, кои овозможуваат меѓу нив да се паркираат возила.
За непочитувањето на другите учесници во сообраќајот од повеќето граѓани што не се делат од своите автомобили може многу да се говори, но залудно е доколку надлежните не се погрижат и на велосипедистите и на пешаците да им понудат еднакви можности за непречено и безбедно движење, особено во услови кога во градот единствена можност за јавен превоз се автобусите.
Во државава нема правилници за велосипедска инфраструктура, како што е тоа случај во повеќето европски и балкански земји, според кои треба да се планира и гради просторот за велосипедистите. Поради тоа, велосипедистите повторно ја актуелизираа ваквата потреба, а Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина „Go Green – Биди зелен“ во соработка со експерти од неколку релевантни струки изработи Предлог-правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура, кој пред десетина дена е и официјално доставен до Министерството за транспорт и врски.
Во користената литература на овој Предлог е и документот Предлог-правилник за условите за проектирање и изградба на велосипедската инфраструктура. Првата фаза е работена во 2015-2016 и е доработувана во 2017-2018 година од Координативно тело за велосипедски сообраќај на Град Скопје од кое беше дел и „На точак“, кое функционираше во два мандата на двајца градоначалника. Неизмерно се радуваме на овој момент затоа што трудот на многу наши членови и поддржувачи и плод на минатата прилично успешна соработка со Град Скопје, е изваден од заборав, доработен и надграден од стручни лица со нови сознанија, дизајниран и отпечатен во издание достапно до јавноста – истакнуваат од „На точак“.
Оттаму објаснуваат дека со ваков правилник би се пополнил недостигот во нашата регулатива во однос на велосипедскиот сообраќај, затоа што нема стандарди за проектирање на техничките елементи на велосипедските површини, што доведува до изградба на велосипедски површини со нестандардизирани елементи, недоволни и неусогласени хоризонтални и вертикални елементи, велосипедски површини со отежнато или никакво одводнување, употреба на неквалитетни материјали со што е загрозена безбедноста на корисниците на велосипедските површини и на останатите учесници во сообраќајот.
Се изведуваат патеки со нестандардна широчина со бројни конфликти во зоната на крстосници, зона за паркирање или автобуски стојалишта. Кога се проектираат кружни текови, велосипедскиот сообраќај не е интегрален дел од дизајнот. Немаме стандарди за велосипедски паркинг за новите градби на државно ниво, само одлуки на неколку општини според сопствена волја, а во меѓувреме донесени се стандарди на европско ниво, кон кои можеме да се прилагодиме. Се применуваат нестандардни велосипедски држачи, кои не се безбедни и удобни за користење и ги оштетуваат велосипедите. Премините од велосипедските патеки кон коловозот и обратно не се пристапни, сѐ уште се користат високи рабници, а има едноставни технички начини да се изведат правилно – посочуваат велосипедистите.
Сите овие проблеми и нивни решенија се објаснети во Предлог-правилникот. Па, така, на пример, во него се наведува дека на брза магистрална улица треба да се проектира двострана двонасочна велосипедската патека одвоена од коловозот со зелен појас со ширина од најмалку три метри и одвоена од пешачката патека со зелен појас со ширина 1,5 метар. На собирна улица се проектира двострана еднонасочна велосипедска патека до коловоз или одвоена од коловозот со зелен појас со ширина 1,5 метар и одвоена од пешачката патека со зелен појас од најмалку 1,5 метар, додека на сервисна улица двострана еднонасочна велосипедска патека до коловоз или велосипедска лента без разделен појас ако ширината на сообраќајната лента е 3 метри или помала.
Во правилникот се објаснува и разликата меѓу велосипедски пат и велосипедска улица, што е вело-патека, а што вело-лента и дадени се сите други потребни сегменти кои би послужиле за проектирање на велосипедската инфраструктура.
На потег е Министерството, кое треба да ја увиди неопходноста од донесување ваков правилник, доколку се сака да се обезбеди одржлива мобилност во иднина. Овозможувањето соодветна инфраструктура, би довела и до зголемено користење на велосипедите во сообраќајот.