Велосипедистите ќе имаат паркинг пред секој објект во Центар

велосипеди
Велосипеди, Фото: Архива

При изградба на секој нов објект во Центар во иднина ќе се поставуваат паркинзи за велосипеди, напролет ќе се воведат одредени денови како денови без автомобили и ќе бидат изработени стандарди и процедури за развој на велосипедска инфраструктура во општината. Ова е договорено на средбата на градоначалникот Горан Герасимовски со претставници на иницијативата „На точак“ на која се разгледаа десетте барања кои велосипедистите уште во предизборниот процес ги доставија до кандидатите за градоначалници.

Дел од барањата, кои до градоначалникот Герасимовски ги поднесе „На Точак“, како што велат од Општина Центар, веќе се имплементираат. Тоа се оние коишто се однесуваат на слободни тротоари и квалитетен јавен простор, затворање на дел од улиците за сообраќај, особено во Дебар Маало, со што овие улици ќе се отворат за пешачење и возење велосипеди.

– Мојата заложба е поголема употреба на велосипедите поради тоа што носат бенефити на долг рок, како за општината, така и за личното здравје на граѓаните. Ние мора да ги менуваме навиките со тоа што почесто ќе го употребуваме велосипедот како превозно средство. Всушност, со почестото возење на велосипеди ќе го намалиме сообраќајниот метеж, кој е сериозен проблем, особено во Центар, и позитивно ќе влијаеме во зачувувањето на животната средина – вели Герасимовски.

Според градоначалникот сите локални самоуправи треба да имаат многу посериозен пристап при креирањето на проектите во општините.

Иницијативата „На точак“ пред десетина дена им се обрати на сите 10 градоначалници на скопските општини и градоначалничката на Град Скопје, ги потсети на главните 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје и побара состанок со нив. Како што велат оттаму досега се одзвал само градоначалникот на Центар, а со градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски веќе се реализираше средба на негова иницијатива.

Уште на крајот на летото „На точак“ испрати допис до сите политички партии, учесници во изборниот процес, во кои во 10 точки ги сумираше областите каде е потребно да работи идната локална власт во Градот Скопје и општините. Според нив тоа се: слободни тротоари и квалитетен јавен простор, План за велосипедска мрежа, Визија нула и Зона 30, паркинзи за велосипеди, субвенции за велосипеди и велосипедска опрема, денови без автомобили / улици за луѓе, кејот на Вардар да стане главна велосипедска магистрала запад-исток на Скопје, стандардизирање на планирањето и проектирањето на велосипедската инфраструктура, систем за изнајмување велосипеди и промена на сообраќајниот систем на Скопје.

Видео на денот