Велосипедистите ќе ја добијат првата секундарна улица со велосипедски ленти

Жената била пренесена во Градска општа болница „Св. Наум Охридски" каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди./Фото: Град Скопје

Улицата Орце Николов во Општина Центар ќе биде првата општинска улица, односно улица од т.н. секундарна мрежа на територија на Град Скопје, која ќе добие велосипедско решение, откако ќе заврши нејзината реконструкција што почна деновиве.

Потребата од интензивирање на изградбата на нови велосипедски патеки во должина на улиците и булеварите во главниот град од година во година станува сѐ поголема, бидејќи се зголемува бројот на скопјани што избираат, наместо со автомобил или со јавен градски превоз, до посакуваната дестинација да пристигнат со велосипед. Користењето на ваков превоз дополнително се актуализира во време на пандемија кога секој поединец избегнува било какви групирања, особено во автобускиот превоз.

Од граѓанската иницијативата „На точак“ велат дека изградбата на велосипедски патеки на општински улици е за поздравување и дека е повеќе од потребна.

-Ова е прва воопшто (според нашите информации) општинска улица, т.е. улица од секундарната мрежа во Скопје, која ќе добие велосипедско решение. За поздравување е и фактот дека ќе биде првата воопшто улица во Скопје, која ќе добие вистинско решение за Зона 30 и безбедност по целата должина со стеснување ленти за автомобилите, неколку подигнати пешачки премини и микро-кружен тек – напишаа на социјалните мрежи „На точак“.

Велосипедистите исто така го поздравуваат и фактот дека, проектот за реконструкција на улицата бил транспарентно објавен уште во фаза на идеен проект.

– Ова е голема реткост и заслужува голем поздрав. Посакуваме и се залагаме почесто да гледаме транспарентно објавување на самите проекти и документации, а не слики од градоначалници и при најава на проекти и при почеток на изградба и при завршување на изградба. Барем најавите треба да одат со презентација на проектот! На граѓаните треба да им се доближуваат процесите, наместо мистифицираат како неразбирливи – додаваат велосипедистите.

Од „На точак“ објаснуваат дека, додека Град Скопје работи на ослободување на велосипедските патеки и тротоарите на булеварите и нивно преуредување во поквалитетни простори, тие мака мачат да посочат макар и една општинска улица со слободни тротоари и убаво уредување, зеленило, велосипедски патеки итн., со комплетно решение. Во обид да се реши проблемот, тие во декември 2020-та испратиле допис до сите 10 скопски општини.

– Се надеваме дека Орце Николов ќе стане таква и ќе биде најава на почеток за промена во Општина Центар и поттик за другите општини кога и онака прават реконструкции на улици, да го променат решението во поквалитетно, соодветно за 21 век. За Скопје да стане вело-град, пешачки град и квалитетен град за живот, мора да почнеме да спроведуваме велосипедска мрежа и на дел од општинските улици, да ги ослободуваме тротоарите и да воведуваме прогресивни и строги политики за паркирање – децидни се од „На точак“.

Според нив, со реконструкцијата на улицата Орце Николов тие ќе имаат можност да возат по т.н. попречни вело-врски.

– Улицата Орце Николов се протега во правец запад-исток на 400 метри оддалеченост од велосипедските патеки на булеварот Партизански одреди и 200 метри од булеварот Илинден. Тоа е приближно во склад со препорачаните растојанија за функционална велосипедска мрежа. Дебар Маало дополнително треба да добие и попречно (во правец север-југ) барем една или подобро, 2 попречни велосипедски врски што ќе ги поврзат овие два булевара во насока север-југ, бидејќи улицата Рузвелтова (каде што се планирани велосипедски ленти) и булеварот Климент Охридски (каде што има велосипедски ленти) се на растојание од дури 1 километар што е преголемо растојание за велосипедската мрежа да биде функционална. Со реализација на Орце Николов, со добивање на тие 1-2 попречни вело-врски и со смирување на сообраќајот на останатите улици каде што нема велосипедско решение, ќе може да сметаме дека Дебар Маало станало вело-пријателско и се надеваме пример за остатокот од градот – заклучуваат велосипедистите.

Реконструкцијата  на улицата Орце Николов опфаќа површина од вкупно 7.182 метри квадратни и се очекува да биде готова во јули, а целиот зафат ќе чини 64.847.608, 47 денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот