Велигден и оваа година во услови на пандемија, но без полициски час и намалени нови случаи на ковид-19

Православните верници и втора година по ред го празнуваат Велигден во услови на пандемија, но годинава без полициски час, со апели за максимално почитување на мерките за заштита од Ковид-19. Во меѓувреме, по воведените рестриктивни мерки, бројот на нови случаи на Ковид-19 се намалува. Во деноноќието меѓу петокот и саботата, од направени 2.276 тестирања се регистрирани 214 нови случаи на Ковид-19, пријавени се 36 починати, како и 305 оздравени пациенти. Вкупно 200.000 кинески вакцини, што пристигнаа вчера, најдоцна до понеделник ќе бидат дистрибуирани во салата „Борис Трајковски” и во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, по што од вторник со нив ќе почне масовната вакцинација на населението.

 

 

Полицискиот час синоќа не важеше и граѓаните можеа слободно да се движат, со почитување на мерките за заштита-носење маска и држење дистанца. Ова беше исклучок само за празникот Велигден и ограничувањето на движењето продолжува денеска од 21 час до 05 часот.

 

Согласно одлуката на Владата од 27 април, со цел справување со пандемијата на Ковид-19 на територијата на државата беше воведен полициски час од 21 часот до 05 часот, следниот ден, со исклучок за претстојните верски празници, Велигден и Рамазан Бајрам. Согласно тоа полицискиот час не важеше од 1 кон 2 мај, а нема да важи и на 12 кон 13 мај.

Верските лидери имаат обврска сè што може да се организира надвор, додека на граѓаните останува одговорноста да нема прекршување на мерките.

Од вторник се очекува да почне масовната вакцинација со 200.000 вакцини што пристигнаа во петокот во земјава. Најдоцна до понеделник вакцините ќе бидат дистрибуирани во салата „Борис Трајковски” и во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола.

Mинистерот за здравство Венко Филипче во петокот најави дека наскоро се очекуваат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер”, со што очекува до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба. Засега е неизвесно пристигнувањето на вакцините на „Астра Зенека”, имајќи ги предвид случувањата со вирусот во Индија која воведе забрана за извоз на вакцини, а дел од овие дози преку КОВАКС системот треба да пристигнат и од индискиот Институт.

 

Според Филипче, пунктовите за вакцинација се веќе подготвени и најави дека бројката на граѓани што ќе се вакцинира на ден ќе биде помеѓу 10 000 и 15 000 илјади.

Во претстојното вакцинирање акцент ќе се стави на граѓаните кои се веќе пријавени, тие кои веќе чекаат и според возраста и според приоритетот на пријавување. Филипче апелираше граѓаните да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука ќе се генерираат приоритетите. – Ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време, изјави Филипче.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.581,  на оздравени пациенти е 133.070, на починати е 4.891, а бројот на активни случаи изнесува 14.620

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот