Велешките еколошки возила ги надминуваат границите

Еко возило Брако Велес

Велешката компанија „Брако“ ја произведе првата во Европа еколошка машина за одржување хигиена во урбани средини под брендот „Green Machines“ GM 500H2, која работи на водород. Тим од 15 инженери од Северна Македонија во соработка со инженери од Холандија работеа на еколошкото возило за чистење што испушта единствено вода, а не како досегашните издувни гасови.

-Холандските градови Амстердам, Утрехт и Ротердам се први кои ќе ја одржуваат хигиената со овие велешки еколошки возила што испуштаат вода, наместо издувни гасови и не загадуваат. Ековизијата ја препознаа и другите земји низ светот, па така интерес за новата еколошка машина за одржување хигиена во урбани средини има и од САД, Велика Британија, Јапонија, но и од скандинавските земји – вели Иле Атанасов, директор на „Брако“.

Компанијата „Грин машинс“, која од октомври 2019 година е во сопственост на велешки „Брако“, има долгогодишна традиција во областа на производството на технолошки напредни и иновативни машини за одржување на хигиената во урбани средини и важи за глобален лидер со врвна репутација. Машината „GM 500H2“ претставува револуционерно решение и целосно се произведува во Велес, од каде што се извезува низ целиот свет, од Лондон до Сингапур.

Инаку инвестирањето во зелените машини, како и во нови технолошки постројки е дел од поширок инвестициски и развоен циклус во „Брако“, каде што се вработени повеќе од 600 лица. 

Велешката компанија е една од најнапредните технолошки компании и е меѓу најголемите извозници во Северна Македонија чие доминантно производство од 95 отсто е наменето за извоз во над 30 земји. Годинава и во време на криза и најтешки логистичко-технолошки услови за работа, компанијата успеа да го задржи производството, како и да го зголеми бројот на вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот