Велешки театар: Интернет-проект „Тој и таа“

Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес го најавува пионерскиот интернет-проект „Тој и таа“, производ на културата во време на физичка изолација, единствен од својот вид, настанат преку вмрежување на интернет платформите и перформативноста.

Овој уникатен проект, продукција на велешкиот театар, е уметнички одговор на кризата, производ на културата во вирусна состојба, чија цел е преку максимално користење на комуникацијата која ја овозможува интернетот да се истражува изведбеноста во нестандардни облици.

Од технолошки аспект, проектот е изведен на тој начин што пробите се изведуваат „онлајн“, потоа, актерите се снимаат себеси (најчесто со своите мобилни телефони) и на крајот, во процесот на монтажа, се обликува видео дијалогот. Приказната ја носат шест парови чии меѓусебни односи интермедијално се поврзуваат во единството на карантинската приказна.

Предвидени се дванаесет епизоди кои театарот еднаш седмично, во ист термин, почнувајќи од 9 мај (сабота), во 20 часот, ќе ги поставува на својата официјална веб-страница www.teatarveles.mk.

Режијата на проектот ја потпишува Деан Дамјановски, драматургијата Сашо Димоски, а видеодизајнот и монтажата Филип Коруновски. Во проектот учествуваат актерите: Благојчо Стојанов, Талија Настова, Васил Зафирчев, Славица Манаскова, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Зорица П. Панчиќ, Симона Димковска, Слободанка Чичевска, Жарко Спасовски, Исидор Јованоски и Кети Борисовска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 30, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 9-10 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот