Вељаноски за конститутивната седница: Некого за иста ваква ситуација го судат и прогласуваат за терорист!

Фото: МИА

Кои заклучоци може да се извлечат од вчерашната конститутивна седница на Собранието на Македонија? Прво, истата сеуште не е завршена, туку е прекината после втората точка верификација на мандатите на избраните пратеници. Немаше формирање ниту на Комисијата за избори и именување , ниту предлог од таа комисија за избор на Претседател на Собранието, стои во соопштението од поранешниот пратеник и претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

-Второ, Собранието без избран Претседател е неефикасно, бидејќи не може ниту да се закаже нова тематска седница, ниту да се носат закони што е неговата основна надлежност.

Но, битната дилема е кој е одговорен за ваквиот исход што Собранието го држи во нефункционален вакум, дали е тоа Претседавачот кој согласно Деловникот ја свикал и водел седницата или некој друг? После изборите во 2016та година во соодветниот рок ја закажав и ја водев конститутивната седница на Собранието и навремено побарав од парламентарните групи да предложат членови за формирање на Комисијата за избори и именување. Одговорот на партиите го чекав предолго, дури до март 2017 година, кога се предложи да се формира горенаведената комисија. Најавите од медиумите и сега предвидуваат одредено одлагање на формирањето на Комисијата за избори и именување, кое може да трае одреден период.

Но, Деловникот за жал не му дава на кој и да е Претседавач на конститутивната седница ниту капацитет, ниту институционални механизми по однос на динамиката на двете нејзини битни компоненти, а тоа се формирањето на Комисијата за избори и именувања, како и изборот на Претседател на Собранието. Одговорноста за успешното завршување на овие две точки од конститутивната седница, и од деловничка и од политичка гледна точка, зависи од парламентарните групи и одлуките на политичките партии во процесот на формирање на парламентарно мнозинство.

Се додека парламентарните групи не се договорат за претседателот и членовите на Комисијата за избори и именување и се додека политичките партии не се договорат за собраниското мнозинство, претседавачот со конститутивната седница на Собранието не може успешно да ја заврши седницата, без оглед на неговите лични залагања или собраниско искуство. А се додека Собранието не избере Претседател истото ќе биде неефикасна институција, чија вакум состојба ќе биде само уште еден знак за политичката и институционалната криза во која се наоѓа државата. И на крајот некого за иста ваква ситуација го судат и прогласуваат за терорист, напиша Вељаноски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот