„Веќе не сум истиот“ е дебитантски роман на пантомимичарот Војо Цветановски

Дебитантскиот роман „Веќе не сум истиот“ на познатиот пантомимичар и режисер Војо Цветановски, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовиран на Саемот на книгата 2021.

Романот е напишан во манир на искусен писател, кој вешто си игра со жанровите, создавајќи хибриден роман во кој има и раскажувачки и драмски и епистоларен дискурс, а сето тоа е вкомпонирано во една цврста и стабилна структура.

Станува збор за две навидум независни приказни, кои се преплетуваат на крајно неочекуван начин. Во првата приказна – нараторот, уличен артист – презаситен од своето секојдневие, е во потрага по себеси, без да знае дека промената го чека зад аголот. Во втората приказна, една млада писателка во креативна криза, не е свесна дека пред себе има содржаен материјал за роман што може да ја извлече од непријатната ситуација со нејзиниот издавач. Неверојатен тек на настаните, речиси судбински, ќе ги спои овие две приказни во неочекуван епилог.

– Главни теми во романот се љубовта и гладот. И тука не мислам само на љубовта помеѓу двајца партнери, туку повеќе мислам на љубовта кон сè што нè опкружува и сè она што го живееме. И глад – не како потреба за храна, туку глад за нешто повеќе – навестува авторот Цветановски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот