Веќе нема дилеми, ако нема договор со Ангеловски, нов селектор ќе биде Милевски

ffm.mk

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини гостувајќи во емисија на Алсат телевизија ги отвори картите и најави дека ако не се најде заеднички договор со актуелниот селектор Игор Ангеловски, дека е веќе познат неговиот наследник.

Сејдини најави дека Благоја Милевски ќе биде новиот селектор на репрезентацијата која во јуни ја очекува настап на ЕП доколку ФФМ не успее да најде заеднички јазик со актуелниот селектор Игор Ангеловски.

Претседателот на ФФМ гостувајќи на Алсат телевизија изјави дека Ангеловски е прв избор и по новогодинешните празници ќе седнат на маса да разговараат за нов договор, а доколку не успеат да најдат заеднички јазик тогаш нов селектор ќе биде предводникот на репрезентацијата до 21 година.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Прво ќе разговараме со Ангеловски, а потоа ќе одиме со други варијанти. Се појави шпекулација и со Просинечки, ама сакам јавноста да знае дека прво ќе разговараме со Ангеловски. Ако не се согласиме, мислам дека цела јавност знае кој ќе биде селектор, ако не се договориме со Ангеловски – изјави Сејдини за Алсат.

Изјавата на Сејдини доаѓа само еден ден подоцна откако Милевски во интервју за ФФМ изјави дека сака еден ден да биде селектор и на сениорската репрезентација.

– Јас не кријам, ниту сум криел претходно дека еден ден сакам да сум селектор на А-тимот. Секој тренер во земјава има крајна цел да биде селектор на својата држава. Познавајќи ја визијата на ова раководство на ФФМ, познавајќи ја нивната стручност и професионалност верувам дека како ќе се одвива мојата тренерска кариера, мислам дека ќе донесат правилно решение. Особено што мене ми завршува договорот на крај на февруари. За што понатаму – ќе видиме. Но, ништо не зависи од мене, мое е да си ја работам работата најпрофесионално и најстручно што знам и умеам, а ќе видиме што ќе донесе времето – рече Милевски во интервјуто за ФФМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот