Ведрана Рудан се прости од Балашевиќ: Кога живеевме во војна, тој ни пееше за љубов

Голем број на познати личности и обожаватели од целиот регион се простија од музичкиот гениј, а последен поздрав му испрати и хрватската писателка и новинарка Ведрана Рудан.

Колумната на Ведрана Рудан во која се збогуваше со музичката легенда објавена на „Rudan.info“ ви ја пренесуваме во целост:

„Еднаш Ѓорѓе Балашевиќ рече: „Живот? Тоа е она на гробот, на кое пишува година на раѓање и година на смрт. Е, таа цртичка помеѓу, тоа е животот“.

EPA-EFE
EPA-EFE/FILES/FEHIM DEMIR

Повеќето луѓе се зли. Опседнати сме со жестока омраза. Омразата труе. Затоа од време на време чувствуваме потреба да ја соблечеме нечистата кожа, да вдишеме чист воздух, некому да дадеме љубов. Од време на време. Ние, граѓаните на Земјата Која Веќе ја Нема, знаевме дека од време на време ќе можеме да одиме на место каде за минута, за десет минути, час, два или пет, ќе станеме, ако не добри, тогаш секако подобри луѓе. Тоа место отсекогаш бил концерт на Ѓорѓе Балашевиќ.

Не е важно дали се обидовме да станеме подобри во Нови Сад, Пула, Љубљана, Загреб, Белград… Сите тие градови, и не само тие, беа места каде што ја баравме Добрината и сретавме човек кој не беше како нас. Кога живеевме во мир, тој ни пееше за љубовта. Кога живеевме во војна, тој ни пееше за љубовта. Сета наша омраза беше само наша. Сите наши пушки беа само наши. Крвта на нашите раце беше наш избор. Ѓоле ни пееше и пееше и пееше и пееше. За љубовта.

Денес плачеме. Плачеме за себе, се разбира. Нашата „цртичка помеѓу“ сè уште стои покрај една бројка. Живи сме, ако ова е живот, и веќе два дена се капеме во љубов. Не сме, кратко не сме, но сепак не сме само обични луѓе. Цела Југолавија од синоќа е на концерт на Балашевиќ. Но… Залуден е нашиот труд и цвеќиња и солзи и плишани зајчиња и мандарини.

Готово е. Ни се појави „таа линија помеѓу“ на Ѓоле. Никогаш повеќе нема да можеме да му отидеме на коцнерт, ниту да пееме за Васа Ладачки или да излеземе прегрнати од салата или да ја напуштиме Арената со раката во нечија рака.

Плачеме. Нема да трае долго. За неколку дена ќе пукнеме од омраза, поделени на „ние“ и „вие“. Ќе пишуваме одвратни работи на Интернет, и ќе се псуеме едни со други. Длабоко или плитко во себе ќе знаеме дека сме толку безимени, толку обични, толку ирелевантни. Нашата цртичка сè уште не е „помеѓу“, но што зборува тоа за нас? Живи сме, а билетите за концерт веќе никогаш нема да се продаваат. Таа проклета, проклета, проклета „цртичка помеѓу“. Ѓоле можеби се спаси. Но за нас
кои го сакавме нема спас. Ние ништо не научивме од него. Тоа е тоа! Добрината не е заразна.

Сепак, кога малку подобро ќе размислам, не е сè толку црно како што е? Можеби после нас ќе дојдат некои нови деца кои прегрнати ќе го слушаат починатиот Ѓоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години, жив ни пееше за љубовта a ние бевме глуви. Ех, мој Ѓоле!“, напиша Рудан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот