Вечно заглавени на шините што не водат никаде!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Дали во наредните триесетина години ќе направиме напредок во тоа што се вика европеизација на државата и општеството и ќе ја намалиме југоносталгијата по „едни убави времиња“ или, како што ќе одминуваат годините, таа ќе станува сѐ поголема?

По повод „роденденот“ на веќе поранешната непостоечка заедничка држава СФР Југославија, еден фејсбук-статус на мој пријател ми привлече особено внимание: „Југоносталгијата не кажува колку претходната држава била добра, туку колку денешната потфрлила. Ако за најголем дел од народите во Источна и во Централна Европа периодот по 1989 година значеше враќање кон Запад, кон глобализација и кон економски бум, за народите во Југославија, со исклучок на Словенија и подоцна Хрватска, тој ист период е време на враќање кон ориентализам, изолација и кон сеопфатно општествено осиромашување. Сѐ уште отворено прашање е дали и овој дел од Европа еден ден ќе се врати на шините од кои излета во деведесеттите?“

Ова го констатира Владимир Бошњаковски, адвокат и политички аналитичар на својот ФБ-статус пред две години по повод Денот на републиката, оној стариот 29 Ноември,  кога во едни „поубави времиња“ беше државен и најголем национален празник во сите шест поранешни југословенски републики.

Зошто сме најголеми југоносталгичари?

Социолошки, филозофски, но и менталитетно се поставува прашањето зошто Македонците, односно граѓаните на Македонија, вклучително и од другите етнички заедници, за кои ни е чудно дека се поистоветувале со поранешната СФР Југославија (Албанци, Турци), се едни од најголемите, можеби и најголеми југоносталгичари?! Одговорот е срочен погоре. Точно, можеби Југославија беше комплексна држава, неприкосновено раководена и владеена од можеби најголемиот лидер на дваесеттиот век, маршалот и другар Тито (за многумина диктатор), но ние со и преку неа ја добивме нашата државотворност, односно ги реализиравме националните и социјалните слободи и права, за кои генерации и генерации македонски борци претходно се бореа, но никако не успеваа да се изборат. Поради внатрешни, но многу повеќе поради надворешни геополитички услови. Во таа и таква Југославија, ние добивме за првпат свое јазично писмо, кодифициран национален македонски јазик, свои образовни установи, свој национален признат идентитет. Да не говорам за економските и за инфраструктурните придобивки кои ги ползувавме, а претходно до нејзиното создавање живеевме во супстандардни услови налик на тие на денешните африкански полудржави во кои сѐ уште се живее во племенски заедници. Сепак, клучното прашање е: доколку ние по распадот на СФРЈ личевме на една Естонија, Чешка или на Словенија дали денес ќе бевме исто толку такви југоносталгичари? Можеби делумно, бидејќи Македонците својата национална и социјална слобода ја врзуваа(т) со настанокот на Титова Југославија, за разлика од останатите републики (Словенија, Србија, Хрватска) или пак останатите земји од Источна и од Југоисточна Европа кои по Втората светска војна останаа од „онаа страна од железната завеса“ (читај: тоталитарниот комунизам), кои претходно имаа свои национални држави уредени во (полу)демократски системи на управување. Веројатно и враќањето кон таквите политички, економски и општествени системи на тие земји им беше многу побезболно и многу полесно од другите кои немаа таква институционална меморија во својот национален битисувачки код и затоа тие денеска се полноправни земји членки на Европската Унија и НАТО, која повеќе успешна, која помалку, но во секој случај многу, многу понапредни од нас, во секој поглед на општественото живеење и тоа што се вика квалитет на живот од секој аспект.

Тешко дека сѐ уште постои надеж

Дали во наредните триесетина години ќе направиме квалитативно-квантитативен скок и напредок во тоа што се вика европеизација на државата и општеството и ќе ја намалиме југоносталгијата по „едните убави времиња“ или пак како што ќе одминуваат годините и децениите таа ќе станува се поголема и ќе се мултиплицира? Не треба да сте експерт за да го одговорите прашањето, ниту пак да сте многу паметен. Доволно е само да живеете во оваа и во ваква држава и да ви стане јасно каде одат работите. Во еден правец, а тој е кон западноевропските земји, за жал со „неговата светост“ – бугарскиот пасош!

И, на крајот, да му одговориме на Владо на прашањето: Зошто сме најголеми југоносталгичари? Колку и да сакате да не бидете песимист и секогаш да гледате од посветлата страна на нештата, давајќи си надеж дека работите ќе се сменат на подобро, секој пат реалноста ве освестува, ви влепува шлаканица и ве фрла во песимистичкото сценарио на неподносливата леснотија на чергарското живеење, за тоа како ние три децении потрошивме од нашите животи живеејќи од ден за ден, во еден импровизариум, без никаква национална стратегија, никаков зацртан пат, без никакви планови и замисли за општествен напредок и развој. Извлекувајќи искуство од сето тоа досега, прашањето е повеќе од затворено: никогаш овој дел од Европа нема да се врати на шините од кои излета во деведесеттите, туку ќе остане распаднат, заглавен во тој историски и временски вакуум на парампарчиња, кои ниту САД ниту ЕУ некогаш ќе ги склопат и ќе ги вратат на шините што некогаш ни беа „живот и надеж“ за ветената убава европерспективна иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот