Вечерва почнува 18. издание на CINEDAYS

Фото: Архива на „Слободен печат“

– Веруваме дека „Ефектот на среќата“ како прва проекција на полнолетниот Синедејс ќе ни донесе и среќа и задоволство за време на целиот фестивал, кој годинава има неколку куриозитети на кои сме горди. Се радуваме на сите домашни филмови, придружувањето кон прославата на 50 години Монти Пајтон и новитетите кои ги воведуваме, а меѓу нив ново востановената награда за музика за филм. – вели Маргарита Арсова, главен програмски координатор на фестивалот.

Во единаесет селекции (Гала премиери, Официјална селекција, СинеБалкан, Музички документарни филмови, МК во ЕУ, Земја во фокус – Швајцарија, Монти Пајтон, МК кратки, Студентска програма, Детска програма и Програма за млади) ќе гледаме повеќе од 100 филмски остварувања, дополнети со придружна програма од десет работилници, предавања и мастер класови и седум концерти и диџеј сетови во рамки на cinEmusic.

Програмата на фестивалот ќе се случува во три кино сали, кино Милениум, кино Фросина и Џебното кино во МКЦ.

Филмот „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски со кој се отвора CINEDAYS е урбана драма за универзалната потрага по среќа и смислата на животот. Филмот ја раскажува приказната за Леа, млада девојка, која се бори за своето здравје. Додека си го преиспитува животот, започнува необична потрага по среќа и почнува да го согледува влијанието што го има врз другите луѓе.

Паразит

Вториот филм на отворањето е „Паразит“ на Bong Joon-ho, чија приказна зборува за четиричленото семејство на Ки-таек кое е блиско, но сите се невработени, со нејасна иднина пред себе. Синот Ки-ву е препорачан од негов пријател, студент на престижен факултет, да држи часови, работа што е добро платена и која создава надеж за редовни примања. Носејќи го товарот од очекувањата на целото семејство, Ки-ву оди на интервју во домот на семејството Парк. Кога пристигнува во куќата на г. Парк, сопственик на глобална ИТ-компанија, Ки-ву ја запознава Јеон-кјо, убавата млада дама во семејството. Но по оваа прва средба меѓу двете семејства, следи незапирлива низа од незгоди.

Билетите се достапни на билетарница во МКЦ и кино Милениум и online преку bileti.mkc.mk

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот