Важноста од формирањето комисија

Милионерот Надим Захави платил некаков данок на вишокот приходи од неговите бизниси на Гибралтар, плус казна токму во времето кога беше канцелар на едно пет минути. Сега се наведува дека тој можеби ја злоупотребил позицијата, дека не платил доволно и должи и дека, велат многумина, треба да си даде оставка. Ама за да се одлучи за ова, ќе се формира комисија.

Веќе е добро познато она, а се чини и воопшто – ако (не) сакаш да решиш нешто, формирај комисија. Добро, да ги тргнеме заградите и да биде бидеме прецизни – најдобриот начин да не се реши ништо е да се формира комисија. Ова можат да го потврдат сите што некогаш биле избрани да бидат членови на комисија, секретарите и секретарките, заверувачите и заверувачките на записниците и уморните кафекувар(к)и што проширени вени добија од носење кафиња и кисели води, додека се решава она што не се решава.

На пример, дали некој е одговорен, дали треба да одговара, ако е одговорен зошто е одговорен, колку е одговорен, ако треба да одговара, како треба да одговара, кому да одговара, што значи тоа да одговара, кој ќе сведочи за одговорноста, дали треба да се викнат и други и дали тие другите треба да се од тие одговорните или некои неодговорни… упс… не, не, всушност некои многу одговорни во смисла на…
Вие, почитуван премиере, не ќе да сакате да ја решите аферата, односно да дадете одговор на прашањето дали претседавачот на вашата Конзервативна партија, поранешен министер за здравство и едно пет минути канцелар, односно министер за финансии, го прекршил министерскиот кодекс на однесување? Ова го прашаа новинарите, гласачите и лидерот на опозициската Лабуристичката партија, сер Киер Стармер, премиерот Риши Сунак, откако излезе на виделина дека (милионерот) Надим Захави платил некаков данок на вишокот приходи од неговите бизниси на Гибралтар, плус казна токму во времето кога беше канцелар на едно пет минути. Сега се наведува дека тој можеби ја злоупотребил позицијата, дека не платил доволно и должи и дека, велат многумина, треба да си даде оставка. Ама за да се одлучи за ова, ќе се формира комисија.

Деновиве добар дел од нацијата која е фриленсер, има приватен бизнис и има нешто екстра приходи, се занимава со пополнување формулари и ги испраќа до Даночната служба на Кралското Височество. Некои тоа го прават сами, на хартија, и тоа требаше да го завршат до крајот на октомври минатата година, други онлајн – до 31-ви овој месец и многумина деновиве, ако не можат самите, како ние на пример, со купчиња сметки одат и ангажираат сметководители што ќе им пресметаат колку треба да платат. Најголемиот број сериозно си ја сфаќаат работата, зашто казната е 1.000 фунти за пробивање на рокот, а може да стигне и до 7 години затвор.

Така, на пример, поради мојот живот фриленсерски, маж ми преку половина свет ме брка да се слушнам со Пател, сметководителот, да не има нешто што сме пропуштиле, што е сигурно – сигурно е, подобро да се провери отколку да го промашиме терминот, ете толку даночниците нè имаат истренирано и втерано страв во коски. А да не го спомнувам Пател, мислам дека една соба од доградбата на неговата канцеларија (се прошири човекот), од наши пари е.

Даноците секогаш биле сериозна работа. Прочуениот по зло американски гангстер Ал Капоне со години убиваше, крадеше, палеше и правеше зулуми и полицијата, то ест правдата никако не можеше да го стигне. Но, заврши во затвор кога го фатија за неплатен данок! Немаше комисија. И оттаму некако ми е разбирлива бурната реакција за недоплатените даноци на Захави. И за секоја нова афера на владата, кога ќе излезе министер да брани неодбранливо. Во време кога цените растат, сите го стегаат ременот, фунтата се врти трипати пред да се потроши, луѓето немаат толеранција за млаки решенија и за недоветна влада. А оваа, некако никако да се одлепи од земја.

Во меѓувреме се „случува“ и Борис Џонсон. Оној поранешниот премиер, кому изгледа никој не му кажал дека не е веќе премиер или, пак, нешто не му се слуша? Тој како падобранец отиде во Украина, зашто изгледа само таму го сакаат. Остана мистерија дали некој воопшто го поканил, тука велат не, ама којзнае, со БоЏо никогаш човек не може да биде сигурен. Го видовме како шета со папки во рацете, како заинтересирано разгледува наоколу, па поставува прашања, па се интересира нешто, па фаќа белешки… Се сретна и со Зеленски, кој изјави дека Борис е пријател на Украина, што знаевме ама сепак не дознавме зошто е таму. Кој го пуштил, односно го испратил ли некој? Министерот за надворешни работи тука рече дека немал поим. Премиерот Риши Сунак остана без коментар. Се прашувам, дали од дома го знаеле каде е? Оставил некоја белешка, пусулче, Кери, во Киев сум, одма се враќам?!

Поранешниот командант на армијата лорд Данат изјави за „Индипендент“ дека Џонсон е опасен, неконтролиран тип, кој сака да го засени премиерот Риши Сунак, а адмиралот лорд Вест вели дека тој е во потрага по публицитет. Како и да е, Борис во Украина се појави во време кога треба да одговара за позајмицата од 800.000 фунти додека беше премиер, за што наводно добил гаранција од претседавачот на Би-би-си Ричард Шарп, што било конфликт на интереси. Парите, на традиционалниот скржавец Борис, му требале да си го реновира станот, зашто не го бендисал вкусот на неговата претходничка во Даунинг стрит 10, Тереза Меј.

Белешки на Борис Џонсон од Украина, до Риши, на стуткано парче салфетка:
1. Завршување на војната што побрзо. 2. Давање секакви потребни средства. 3. Формирање комисија за позајмицата. 4. Подарок за Кери (да не заборавам ова да го избришам).

Авторката е новинарка 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот