Васоски: Декември ќе дојде „како утре“, апелирам да се среди ситуацијата во ФК Вардар!

васоски
фото: Денис Дуковски/fkvardar.mk

На последниот лигашки дуел „црвено-црните“ предводени од тренерот Александар Васоски триумфираа против Беласица со 3:1. Головите во победничките редови беа дело на Мирчевски, Петровиќ и Петковски, а за струмичката екипа стрелаше Да Силва.

После седум кола во Првата лига составот на Вардар се наоѓа на осмото место со 10 бодови, но само три бода помалку од Шкупи и Македонија ЃП кои ја делат втората позиција на табелата.

Пред овој меч Вардарци славеа и пласман во осминафиналето од Купот на Македонија, откако на пенали го елиминираа составот на Вардар Форино.

Во текот на летниот период се случија многу промени во играчкиот кадар на Вардар, поради финансиските проблеми голем број на фудбалери си заминаа, но и се промовираа доста нови засилувања за оваа сезона.

Фото: Мартин Мирчевски (Вардар) стрелец на еден од головите во победата над Беласица fkvardar.mk/Петр Стојановски

– Екипа која имаше само 10 дена подготовки, полека влегуваме во потребниот натпреварувачки ритам и јас сум сосема задоволен од освоените 10 бодови после седум одиграни кола врз основа на тоа како што кажав дека немавме многу подготовки. Значи го фаќаме темпото, ритамот што нè красеше во текот на минатата сезона, се вклопуваат и новите играчи, скоро сите од нив успеаја во изминатите натпревари и да постигнат голови, тука мислам на Петровиќ, Петковски, Лазаревиќ, Мирчевски..така што полека се надзира и „костурот“ на тимот – ни изјави тренерот на ФК Вардар, Васоски.

Вардар и во текот на ланската сезона не се вбројуваше меѓу кандидатите за највисок пласман, но со сиот свој капацитет, со спој на младост и искуство, клубот одново се најде на врвот освојувајќи го трофејот во првенството за сезоната 2019/20, иако остана без лиценца за Европа.

– Имаме некој систем на работа кој втора година по ред функционира. Од друга страна нас нè мачи нешто ниту една друга екипа во Македонија не ја мачи, а тоа е од егзистенцијален карактер. Со екипата не се знае што ќе биде до декември, по декември, со долгови, неразјаснета ситуација која секој фудбалер, како и нам од стручниот штаб нè мачи. Ние некако успеавме, ете нашите директори, како и јас се нафатив, макар што на коцка ја ставам и мојата тренерска кариера, да помогнам, таков сум едноставно како карактер, борец. Секако многу сум благодарен на Вардар што бев негов дел настапувајќи и како играч. Апелирам, по кој знае кој пат, значи декември „ќе дојде како утре“, за неколку месеци, да се среди ситуацијата во клубот затоа што Вардар тоа го заслужува, односно тоа го заслужува македонскиот фудбал, не смее да се остави на улица. Како што е Црвена звезда, Партизан, Хајдук во регионот, така е и Вардар во нашата земја. Во спротивно ќе биде еден голем удар врз самите фудбалери, за самиот клуб кој бил шампион и во поранешна Југославија од каде изникнаа многу познати и врвни играчи – додаде тренерот на фудбалскиот клуб Вардар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот