Васко Ефтов конечно живее со вистината

Спротивно на тоа што тврди академик Коцарев, досега бевме во Орвелова 1984, конечно излегуваме од Орвелова Македонија и влегуваме во една модерна Европска Македонија. Македонија што се покажа жилава, издржлива и вредна да постои и да опстои.

Признавам, не сум совршен.

Не знам за вас, но јас уште, чат-пат, одвреме-навреме ќе фрлам еден опул на Јутјуб, да видам што тоа брзозбори Васко Ефтов, во емисијата каде што „живее вистината“, да не случајно го викнал пак оној доктороН Поповски по „арнаутологија“, оној со 50.000 Геги доселени во Атина?!

Британците велат дека и скршениот ѕиден часовник е двапати точен во 24 часа, така и нашиот Васко од Ефтовци, од стотици српски гости успеа да направи две емисии во кои може да се каже, дека вистината конечно го посети на кафе. Неговите две последни емисии зборуваше за изгласувањето на т.н. француски предлог и почнувањето на преговорите со ЕУ, и убаво им кажа на своите гледачи, слушатели и тие што се негови следбеници и истомисленици, кои сакаме да признаеме или не, не се малку, за жал или во случајот на овие последни две емисии, за среќа, да не се прават вештачки тензии, да не се паѓа беспотребно во очај и да не се глуми вештачки патриотизам како изветреано шише вода од пелистерка.

Се надевам дека модерната технологија и интернетот е стигнат во МАНУ и дека имаат пристап до интернет и можат да ги гледаат овие две последни емисии на Васко Ефтов на Јутјуб. Можеби и најработливиот и сега веќе и најсамостојниот новинар во Македонија може да придонесе малку во исправното размислување на нашите ценети академици, кои за жал шират мислења во јавноста како козите од романот на академик Луан Старова, полни со козји инает и песимизам, поскапа кожата од месото, мислат дека некој сака да ги истребиТ, на козите, т.е. Македонците. Го читав Коцарев, ме фати страв. Среќа што Орвел не ја прочитал неговата колумна, светот ќе останеше без орвеловото ремек-дело „1984“, ќе се откажеше, немаше да ја напише, ако знаеше дека некој академски челник така ќе го толкува во 2022 во Македонија.

Кој е Големиот брат, кој е Винстоун, и кој е Јулија во денешна Македонија?

Ако навистина живееме во реалити шоу, како тоа Големиот брат погрешил и дозволил токму овој негов „непријател“ академик го избрале за челник на МАНУ? Каде бил Големиот брат од Орвеловата 1984? Или можеби Големиот брат не постои? Или, Големиот брат постои, но има и други браќа и сестри?

Каде беше академик Коцарев да реагира кога на ТВ Канал 5 со национални фреквенции, „дотичен“ господин имаше катаноќна емисија во која нè учеше сите како да научиме да зборуваме и говориме на античкомакедонски јазик? Кога се појавија интелектуалци кои зборуваа за Зета Македонија и дека Навахо Индијанците се потомци на античките Македонци?

Какво е мислењето на академик Коцарев за Скопје 2014? Нека се произнесе го замолувам академик Коцарев најпрво за Скопје 2014, и потоа да знаеме дали да го читаме или да го игнорираме. Со сета почит за неговата научна работа, со Орвел не се разбрале најубаво. Ние излегуваме од Орвеловата 1984, господине почитуван академик на МАНУ. Ако не ми верувате, слободно прошетајте по Скопје 2014 со отворени очи и ќе видите дека сум во право.

Спротивно на тоа што тврди академик Коцарев, досега бевме во Орвелова 1984, конечно излегуваме од Орвелова Македонија и влегуваме во една модерна Европска Македонија. Македонија што се покажа жилава, издржлива и вредна да постои и да опстои. Македонски jазик кодифициран. Kниги отпечатени на тој јазик доволно многу за да можеш да наполниш цела Александриска библиотека… Kонечно, со своја Академија на науки и уметности, со своја МАНУ.

Не мислев дека ова некогаш ќе го речам, но, послушајте го овој пат Васко од Ефтовци и релaксирајте ја малку атмосферата во државата Македонија. Тоа е ваша интелектуална и општествена должност. Народот треба да спие мирно. Македонија преживеа!

Македонскиот јазик преживеа! Македонското име нема да загине!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот