Вашингтон стави на „црна листа“ контроверзни косовски бизнисмени блиски со српските власти

Звонко Веселиновиќ / фото: МВР на Србија

Соединетите Американски Држави им воведоа санкции на српските бизнисмени и политичари од Косово, Звонко Веселиновиќ и Милан Радоичиќ, јавуваат српските медиуми.

Двајцата бизнисмени се блиски со владејачката Српска напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ, а Радоичиќ е и висок претставник на Српската листа – главната политичка сила на Србите во Косово, пишува Нова.рс.

Во образложението на одлуката на американскиот Стејт департмент се наведува дека Веселиновиќ е водач на организирана криминална група и една од најозлогласените корумпирани личности во Косово. Се наведува и дека тој е ангажиран во голема шема за подмитување на српски и косовски безбедносни функционери, која овозможува трговија со оружје и дрога помеѓу Косово и Србија.

Од американската администрација истакнуваат дека организираната криминална група на Звонко Веселиновиќ е обвинета во Косово за наводна вмешаност во убиството на Оливер Ивановиќ во јануари 2018 година.

„Веселиновиќ, Милан Радоичиќ, Жељко Бојиќ и Марко Росиќ, сите се наведени во обвинението за убиство, а секој од нив имал своја улога во атентатот, односно во злосторничкото здружување“, пишува во образложението на одлуката за санкциите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во минатото беше прашуван за наводните врски со Веселиновиќ, но тој рече дека го видел само двапати во животот, кога бил во посета на српските општини во Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот