„Вашингтон пост” со поддршка за Бајден на претседателските избори

Кандидатот Џо Бајден во посета на Кеноша, Фото: EPA-EFE/TANNEN MAURY

Американскиот дневен весник „Вашингтон пост” денеска објави дека го поддржува демократскиот кандидат Џо Бајден на претседателските избори, што ќе се одржат на 3 ноември.

„Вашингтон пост” во уводникот го оценува поранешниот потпретседател Бајден (77) како „исклучително добро квалификуван и кој по темперамент и искуство може да се соочи со колосалниоте предизвици” во следните четири години.

Весникот во 2016 година ја поддржа демократската кандидатка Хилари Клинтон.

„Вашингтон пост” наведува дека авторитаризмот е во нагорна линија во светот, а демократијата се повлекува, додека планетата е во опасност поради климатските промени, а сите тие кризи Трамп „ги создаде, зајакна или ги игнорираше”.

– За да го истераме најлошиот претседател на модерното време, голем број гласачи би можеле да бидат подготвени да гласаат за кого било, истакнува „Вашингтон пост” оценувајќи оти изборите пред се се референдум за 74-годишниот Трамп.

Демократскиот кандидат Џо Бајден/ Фото: EPA-EFE/DNCC

Весникот потсетува на доаѓањето на Барак Обама и Бајден во Белата куќа во 2009 година во екот на економската и финансиската криза и улогата на американскиот потпретседател во преговорите помеѓу републиканците и демократите во Конгресот за планот за спас на економијата.

„Вашингтон пост”, што е во сопственост на Џеф Безос, истакнува дека Бајден е во состојба подобро да ги постави САД, како капиталистички конкурент на Кина и во исто време да воспостави меѓународни сојузи.

Досега „Чикаго трибјун”, „Лос Анџелес тајмс” го поддржаа Бајден, додека „Њујорк тајмс” се уште не се има изјаснето. Бајден доби поддршка и од умерените истакнати републиканци, како и од славните личности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот