Вашингтон и Брисел, но не и ЕУ, се во „студена војна“ со Русија и Кина

Фото: EPA-EFE/ALEXEI NIKOLSKY

Многумина Европејци сметаат дека Европската Унија, слично како и САД, е конфронтирана со Кина и со Русија на глобалната воено-политичка сцена, но во исто време сметаат дека нивните земји сами по себе не се вклучени во таа „нова студена војна“.

Ова го покажува анкета на Европскиот совет за надворешни односи спроведена меѓу 16.267 испитаници во 12 европски земји – Австрија, Бугарија, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Шпанија и Шведска – во втората половина од мај и почетокот на јуни годинава.

Главниот заклучок од анкетата е дека речиси две третини, односно 63 отсто од Европејците сметаат дека денес во светот се води „студена војна“ помеѓу САД и Кина. Но, во исто време двојно повеќе испитаници (31 отсто) сметаат дека во таква војна со Кина е вклучена и Европската Унија, а само 15 отсто дека во конфронтација со Кина се нивните земји.

Што се однесува до Русија, 59 отсто од Европејците сметаат дека во нова „студена војна“ со неа се САД, 44 отсто дека во конфронтација е Европската Унија, а само 25 отсто нивните земји.

Притоа значително се разликуваат одговорите на анкетираните граѓани во зависност од земјата во која живеат. Во Бугарија, на пример, само 3 отсто од анкетираните граѓани сметаат дека Софија води „студена војна“ со Пекинг, додека во Шведска во тоа се убедени дури 33 отсто од граѓаните.

Многу поизразено е чувството на Европејците е дека нивните земји се во конфронтација со Русија. Во Полска, на пример, дури 44 отсто од испитаниците сметаат дека нивната земја води „студена војна“ со Русија, а тоа го мислат само 4 отсто од Унгарците. Во Бугарија, пак, 25 отсто од граѓаните се убедени дека Софија е во тивок конфликт со Москва.

Иван Крастев и Марк Леонард, претседавачот и директорот на Европскиот совет за надворешни односи, изразуваат големо изненадување од речиси општиот тренд на разграничување на однесувањето на Европската Унија како целина и на нејзините членки посебно на глобалната политичка сцена.

– Меѓу аналитичарите се зацврсти ставот дека заедничката надворешна политика на ЕУ е слаба затоа што во секоја членка перцепциите се различни. Аргументите се дека Полјаците и жителите на балтичките земји сметаат дека ЕУ води преблага политика кон Русија, додека на преостра политика се жалат Бугарите, Словаците и Италијанците, кои не ги сметаат Русија или Кина за закани. Но, истражувањето покажува поинаков однос кон улогата на Брисел – укажуваат авторите на истражувањето.

Тие додаваат дека владите на членките на ЕУ имаат спротивставени ставови за заедничката политика кон Кина или кон Русија, но и дека граѓаните го сметаат Брисел за „јастреб“ во односите кон Пекинг и кон Москва.

– Новиот Запад е коалиција помеѓу Вашингтон и Брисел, а не помеѓу Америка и Европа – заклучуваат авторите.

Како „позитивно толкување“ на резултатите се укажува дека „Европејците конечно го признаваат постоењето на заедничка европска надворешна политика“

– Гледано од овој агол, се чини дека ЕУ настапува како континентална сила во соочувањето со глобалните сили како Кина или Русија и дека е во многу подобра позиција отколку која било членка да ги брани европските интереси и вредности – наведуваат авторите.

Од друга страна, разликите може да се толкуваат и како прераспределба на товарот помеѓу членките на Унијата и на Брисел, кој настојува да ги надвладее националните надворешни политики и да ги остави да се концентрираат на своите економски интереси.

– Самото позиционирање на ЕУ како надворешно-политички играч ги разбременува нејзините членки од голем товар во модерниот свет. Тоа овозможува нова поделба на трудот во која секоја земја дејствува како економска сила, а на Брисел му е оставено да демонстрира сила и да ги брани европските вредности. Овој тренд е особено забележлив во односите на Европа со Русија – наведуваат авторите.

Расчекорот во надворешните политики на Европската Унија и на членките, утврден со истражувањето, е спротивен на идејата дека Германија е клучниот фактор на надворешната политика.

– Нашето истражување не ја поддржа теоријата дека по брегзитот Европејците се опседнати со моќта на Германија и дека Берлин е тој што ја дели Европа. Во реалноста, голем број Европејци ѝ веруваат на Германија во одбраната на нивните интереси и тоа за различни прашања, од економијата и безбедноста до демократијата и човековите права – наведува Европскиот совет за надворешни односи.

Само 16 отсто од анкетираните граѓани не веруваат дека Берлин би ги бранел европските интереси, а дури 34 отсто сметаат дека поминала „златната ера“ на моќ и просперитет на Германија.

– Европејците го гледаат Берлин како само уште еден гулаб покрај сите други во јатото, додека Брисел останува главниот јастреб – наведуваат авторите на истражувањето.

Државите повеќе не го владеат светот

Многу резултати од анкетата Европскиот совет за надворешни односи ги смета за последица на новата повеќеполарна ситуација на глобалната сцена, без два јасно спротивставени блока како пред половина век.

– За време на студената војна, луѓето имаа потреба да се приспособат кон приоритетите заради заштита од советските тенкови или од нуклеарен холокауст. Новото истражување дава нови детали. На прашањето кој ја има најголемата моќ во светот, повеќето испитаници не се фокусираа на најголемите земји. Европската публика ја прифати идејата дека моќта е распределена. Само 13 отсто сметаат дека американската влада најсилно влијае врз начинот на кој се води светот, а 6 отсто сметаат дека тоа е кинеската влада. Всушност, тие веруваат дека невладини актери, како компании и супербогати личности се највлијателните групи во светот денес – наведуваат авторите на истражувањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот