„Ваш прозорец кон светот“: Кинотека промовира ДВД-издание по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, кој годинава се одбележува под мотото „Вашиот прозорец кон светот”, Кинотеката соопшти дека денеска ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, за учениците, за колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани.

Денеска напладне Кинотеката ќе промовира и ДВД-издание со пет дигитално реставрирани македонски играни филмови – „Три Ани” на режисерот Бранко Бауер од 1959 година, „Жед” на Димитрие Османли од 1971 година, „Македонски дел од пеколот” на Ватрослав Мимица од 1971 година, „Татко (Колнати сме, Ирина)” на Коле Ангеловски од 1973 година и „Хај-фај” во режија на Владимир Блажевски од 1987 година.

За разлика од претходните ДВД-изданија на дигитално реставрираните филмови од целокупниот опус на авторите (браќата Манаки, Арсени Јовков, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо, Столе Попов, Милчо Манчевски, Кирил Ценевски), изборот на овие филмови кои се дигитално реставрирани е резултат на меѓународната соработка на Кинотеката со други филмски архиви од некогашна Југославија.

Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство ќе продолжи вечер во 19 часот во киносалата на Кинотека каде што ќе бидат прикажани филмовите „Исчезнувањето на Сузана Арсова” на режисерот Борис Дамовски (1992 година), „Првата светска војна, Сеќавања (WW1 Remembering)” –  посветен на македонскиот фронт и на жртвите од Првата светска војна. сниман во Македонија, Србија и Швајцарија, „Фотографија 20-20″ на Роберт Јанкуловски и „Македонски дел од пеколот” на Ватрослав Мимица.

Светскиот ден на аудиовизуелното наследство се одбележува на иницијатива на УНЕСКО и прифатен е од меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA – Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).

Настанот во киносалата на Кинотеката  ќе се реализира според здравствените протоколи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот