Варди му донесе прва победа на Лестер во Лондон по 47 години
Фудбалерите на Лестер го совладаа Арсенал во Лондон со 0:1 во рамките на шестото коло од Премиер лигата.
Триумфот на „лисиците“ го донесе Џејми Варди со голот во 80. минута, откако 20. минути порано влезе во игра и се покажа како одличен џокер на менаџерот Брендан Роџерс.
Јури Тилеманс упати одлична топка со Џенгис Унгер кој веднаш ја врати во средината од каде Варди погоди за прва победа на Лестер над Арсенал во Лондон по пауза од 47 години.
Our first win at Arsenal since ???? ?
Come on! ? pic.twitter.com/YefTS2lT25
— Leicester City (@LCFC) October 25, 2020
Оттогаш Арсенал и Лестер во Лондон одиграа 23 натпревари на кои „топчиите“ славеа на 19, а четири средби завршија нерешено.
Со победата Лестер се искачи на четвртото место на табелата со 12 бода, додека Арсенал е 10. со девет бодови и во наредното коло го очекува дербито против Манчестер јунајтед на „Олд трафорд“.
Лидерот на табелата, Евертон денеска го доживеа првиот пораз сезонава, на гостувањето кај Саутемптон и тоа со 2:0. Ворд-Праус и Адамс со головите во првото полувреме му донесоа триумф на својот тим. Евертон и покрај поразот остана лидер на табелата со 13 бода, исто колку што има и градскиот ривал Ливерпул.
Вулверхемптон и Њукасл ги поделија бодовите играјќи 1:1, а головите беа постигнати во самиот финиш од натпреварот. Волците поведоа со голот на Раул Хименез во 79. минута, додека Њукасл до бодот дојде преку Марфи и неговиот гол во 89. минута.