Вардарки пред елиминација во Европскиот куп

жрк вардар
Ракометарките го поправија впечатокот од првиот натпревар/фото: ehfec.eurohandball.com

Денеска во првиот натпревар од 1/16 финалето во Европскиот куп во женска конкуренција екипата на Вардар во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје загуби убедливо со 25:35 од ЈуРО Унирек.

Првото полувреме не најавуваше толку убедлива победа на гостинките од Холандија, на почетокот од мечот Вардарки имаа позитива од 4:2.

Противникот направи серија од 4:0 за предност од 4:6 на семафорот. Неколку пати позитивата на Холанѓанките стигнуваше и до „плус пет (8:13, 9:14), но до паузата македонскиот претставник ја намали негативата на само „минус еден“ (17:18).

Држеше егал Вардар и во вториот дел, во 46 минута беше само 24:26 и наместо мечот да влезе во неизвесна завршница, во финишот попушти концентрацијата кај ракометарките на тренерот Драгана Пецевска Ристова.

При негатива од 24:28, Вардарки во завршните 12 минути постигнаа само еден гол, а примија дури седум. Стојановска во домашните редови беше најефикасна со седум голови, по четири имаа Диневска и Трпевска, а на спротивната страна 11 погодоци запиша Стаал, а седум Стеверинк.

Реваншот ќе се одигра за седум дена во Холандија со почеток од 19.00 часот.

Видео на денот