„Вардариште“ уште се реновира, Скопје се преполни со кучиња

Со месеци веќе не е во функција програмата за заловување и стерилизирање  бездомни кучиња, затоа што стационарот „Вардариште“ се реновира, а новоформираното јавно претпријатие „Лајка“ уште не се фатило сериозно за работа во очекување да заврши реновирањето. Во меѓувреме, бројот на кучињата по улиците расте, здруженијата за заштита на животните алармираат за ситуацијата, а од надлежните нема никаква видлива активност.

Од Град Скопје тврдат дека до крајот на годината ќе биде презентирана новата програма за хуман третман на кучињата скитници која ќе гарантира намалување на нивниот број низ улиците како и зголемување на безбедноста на граѓаните.

– Градот Скопје работи на системско решавање на проблемот со бездомните кучиња, каде во соработка со останатите државни институции работиме на сите области кои се поврзани со оваа комплексна материја.Изминатиов период објектот на стационарот „Вардариште“ прејде во надлежност на новото јавно претпријатие „Лајка“, кое во целост ќе ги преземе активностите за заловување на кучињата скитници, тестирање, прочистување од внатрешни и надворешни паразити, стерилизација/кастрација, ветеринарна грижа, микрочипирање и обележување со ушна маркица, лекување, груминг, како и постапки за вдомување од заинтересираните граѓани – велат од Градот.

Во изминатиов период се изведува целосна реконструкција на двата објекти во стационарот „Вардариште“ со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи, реконструкција на кровот, поставување на изолација и фасада.

-Успеавме во постоечкиот објект освен ветеринарна амбуланта да добиеме и административен дел за кадарот да може во достоинствени услови да одговори на своите работни задачи. Паралелно детално се расчистува и околината каде што е предвиден парк за кучиња, терени за ресоцијализација на трауматизирани кучиња како и нов пристапен пат – објаснуваат од Град Скопје  и тврдат дека сите активности се во финална фаза и новата приказна на градот ќе биде во служба на основните потреби и благосостојба на бездомните животни.

Со реконструкцијата и проширувањето на стационарот, како што најавуваат,  ќе се зголеми капацитетот од 81 внатрешен бокс на 100 внатрешни апартмани за кучиња со подно греење. Дополнително се во изградба и 60 надворешни боксови за кучиња со што капацитетот е удвоен.

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ деновиве жестоко реагираше на незаинтересираноста на  Град Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство за проблемот со уличните кучиња.

– Десет Лајки не можат да ја поправат штетата нанесена на животните, граѓаните и градот со запирањето на програмата за масовна стерилизацијата на бездомните животни во Скопје од месец април и непонудената алтернатива за спроведување на програмата во соработка со активисти, локални ветеринарни станици, дистрибуција на ваучери за бесплатна стерилизација, мобилни ветеринарни служби – реагираат од Здружението.

Тие велат дека освен што молчи Градот, молчи и АХВ, иако е надлежниот орган кој треба да ја процени состојбата, да укаже на нејзината сериозност, да понуди надминување и да го санкционира Град Скопје.

-Секоја една нестерилизирана единка во просек раѓа некаде од 16 до 20 кутриња. Да претпоставиме дека половина од родените се исто женки (8 до 10 женки) – веќе од само едно женско куче и потомството создадено во една година имаме 120 до 200 млади, репродуктивно способни единки на улица. Од сто нестерилизирани женки, градот во една година продуцира нови 12 000 до 20 000 единки на улица. Немањето интерес, знаење, концепт и сенс, продуцира најмалку 6 000 нови кучиња во Скопје за само половина година – велат од „Анима Мунди“.

Од Здружението реагираат дека активистите залудно се обидуваат да обезбедат помош за животните, за граѓаните, за државата,кога на крај сè е законски оневозможено и бараат одговорност од надлежните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот