„Вардариште“ како предизборен трик за скопјани, студијата за санација на депонијата одамна е направена, а не реализирана

Депонија Вардариште/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Дел од кандидатите за градоначалник на Град Скопје во екот на кампањата за локалните избори често  нудеа решавање на повеќе деценискиот проблем со депонијата Вардариште и нејзиното расчистување во наредниот четиригодишен период.

„Слободен печат“ веќе ја регистрираше фактичката состојба на теренот. Станува збор за дива ромска населба среде депонијата, чии жители потоа горат кабли и пропуштаат разни камиони со отпад кој наместо да заврши на „Дрисла“ под око повторно се депонира во одамна затвореното “Вардариште“, и на тој начин оваа скопска депонија „придонесува“ и за загадувањето во главниот град, кој сите кандидати за челната позиција ветија дека ќе го намалат со низа свои проекти.

Еден проект за депонијата „Вардариште“ остана нереализиран од далечната 2014 година кога е направен. Станува збор за физибили студијата за санација на поранешната градска депонија Вардариште, изработена од страна на Градежниот институт „Македонија“, помогнат од соработници од Србија, Институтот за рударство од Бор како и германски консултанти.

Обемната студија на крајот завршува со пресметка дека целиот зафат за санација на Вардариште ќе чини над 7 милиони евра, но според економските околности што постоеле во 2014 година кога е предложено техничкото решение за формирање на покривач од водонепропустен слој со цел да се зачуваат површинските води на депонијата од загадување.

Физибилити студија за Вардариште, Градежен институт „Македонија“ изработена во 2014/ Фото: Слободен печат

Доколку се израмни и оплемени депонијата која се простира на 20 хектари, можно е поинаку да се планира, да стане парк, шума, па да има дури и голф терени, односно онака како што е предвидено со Генералниот урбанистички план, зеленило и терени за спорт и рекреација.

„Како резултат на користењето на депонијата „Вардариште“ како позајмиште за песок и чакал, а исто така и со депонирање на отпад од сите можни категории/класификации од Градот Скопје, на локацијата на депонијата се случуваат значајни физичко – морфолошки нарушувања на првобитниот микро релјеф. Од тие причини, при рекултивацијата примарна задача е преземање на мерки и спроведување на физичката стабилизација на депонијата односно планирање и израмнување на теренот“ се вели во студијата во делот за пошумувањето, изработен од експерти од Шумарскиот факултет во Скопје.

Ако овој сложен зафат за расчистување и потоа зазеленување на некогашната депонија започнеше веднаш по објавувањето на студијата во 2014 година, имаше шанси да биде завршен некаде во 2025 година. Но тоа не се случи, се повлекоа од реализацијата на проектот градските татковци, продолжувајќи спорадично да ги решаваат проблемите пред се’ со пожарите кои поради неконтролирано палење се ширеа и го загадуваа Градот. Поставена е и бетонска ограда, но и таа никого не спречи во намерата, бесплатно тука да истури отпад наместо да ја плати соодветната тарифа во депонијата „Дрисла“, а не помогнаа ниту казните за да проработи свеста кај граѓаните за заштита на животната средина како општо добро за сите.

Опасноста од пожари демне и поради разложувањето на ѓубрето, покриено со земја при што се ослободува метан кој пак е лесно запаллив и го прави тлото на депонијата нестабилно.

„Со тек на експлатацијата на депонијата како последица на неколку пожари, било изнудено поставување на цевки за отплинување на депонискиот гас. Напоменуваме дека низ телото на депонијата поминуваат два далекуводи кои претставуваат сериозен проблем во уредување на депонијата „Вардариште“. Исто така, на локацијата  на депомијата ина неколку објекти: дтационар за хуман третман и контрола на бездомни животни и стационарна претоварна станица за комунален отпад. Низ Вардариште поминува и соодветна инфраструктура, како и „цевковод“ за евакуација на отпадни води од населбата Ченто. Од тие причини, првичната активност во уредувањето на депонијата „Вардариште“ е прибирање на информации и детално снимање и анализа на сите објекти кои постојата на локацијата „Вардариште“ и непосредната околина со цел избегнување на несакани штети и последици и разрешување на реално постојни состојби и проблеми (инфраструктурни, безбедносни и други)“ , се наведува во студијата.

Оттаму, санацијата на депонијата не може да биде проблем кој ќе падне на товар на скромниот градски буџет, туку бара активно вклучување на други институции како и ресори, како Министерството за животна средина и просторно планирање, па и Владата, енергетските компании итн.

Идејата депонијата „Вардариште“ да стане атрактивен зелен појас од Градот и рекреативно катче за скопјани од старт е минирана поради местоположбата, бидејќи околу неа веќе постои развиена индустриска зона која во тој случај ќе треба да се дислоцира за целиот простор да биде функционален и еколошки.

Така „Вардариште“ веројатно ќе остане недопрена зона и во наредниот период доколку не се направи општа мобилизација за сите надлежни институции проблемот да се реши, а да се вклучи и странска помош, од агенциите на Обединетите нации и од европските влади, како што беше направено со отстранувањето на линданот од малата депонија на ОХИС, голем еколошки проблем за кој со години се бараше решение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот