Вардариште чади, скопјани се задушуваат

Едно од најопасните места или т.н. „црна точка“ во скопската котлина кога станува збор за загадувањето на воздухот, депонијата Вардариште, и понатаму останува место каде што најчесто се палат огнови на отворено со кои се загадува амбиенталниот воздух во Скопје.

Купиштата ѓубре, честопати се спалуваат од страна на несовесни граѓани, а има и такви кои за ситна заработувачка, речиси секојдневно на посочената локација палат кабли или пак стари автомобилски гуми за да го извадат металот од нив, кој пак подоцна го препродаваат и на тој начин имаат дополнителна заработувачка.

Со тоа значително многу се загадува амбиенталниот воздух во Скопје, а непријатната смрдеа најмногу ја чувствуваат жителите што имаат домови во непосредна близина на Вардариште. Токму загадениот воздух, кој претставува сериозен проблем со години наназад во главниот град, оваа грејна сезона дополнително ги плаши скопјани, бидејќи според научната јавност, комбинацијата на загаден воздух и коронавирусот, може да ја зголеми смртноста од ковид-19 за 15 отсто.

Во обид да се намали можноста за спалување отпад на депонијата, екипи од Град Скопје и од ЈП „Улици и патишта“, деновиве работеа на уривање на диво пробиените рампи на кејот на Вардар кај депонијата Вардариште.

– Овие пристапи ги користат дивите одлагачи на отпад, но и намерните палачи на депонијата и се причина за честите пожари на оваа локација, коишто пак се еден од најголемите фактори во загадувањето на воздухот на околните населби Маџари, Аеродром и Ново Лисиче – информираат од Инспекторатот на Град Скопје.

Според надлежните институции, во наредниот период, планирано е да се затвораат и северните пристапи кон депонијата, со што дополнително ќе се засили контролата на инспекторатот, пожарникарите и полицијата во сузбивањето на огновите на отворено.

Но, како што информираат од Град Скопје, депонијата Вардариште иако редовно се контролира, сепак, не е единственото место во Скопје каде што  несоодветно се спалува отпад.

– Инспекторатот на Град Скопје е на терен и работи на пронаоѓање и спречување на сите лица кои придонесуваат на загадувањето, преку палење на стрништа, диви депонии, кабли, гуми и слично. Нашите тимови се составени од двајца инспектори, комунален и од животна средина и комунален редар, кои се постојано на терен со дежурства, а активиравме и снимање на теренот со дрон за да утврдиме каде точно се пали – велат од Град Скопје.

Сепак, како што велат од таму, за жал, нивните инспектори на терен се соочуваат со големи тешкотии, пред сѐ поради ограничените ингеренции кои ги имаат, како и поради заканите на терен за што им е потребна асистенција од МВР.

-Токму во насока на зголемување на ингеренциите на инспекторите и зголемување на казните извршена е измена на поголем број закони, а во моментов се работи и на предлог законот за комунална полиција со која би се отстраниле недостатоците во постојната законска регулатива. Една од локациите каде нашите инспектори се соочуваат со вакви предизвици се разбира е и Вардариште, каде во континуитет има наши и општински инспектори кои го контролираат просторот, но поради ограничените и поделени надлежности не се секогаш во можност да интервенираат. Од тие причини Градот Скопје со години наназад бара поголеми надлежности за нашите инспектори, како и создавање на т.н. комунална полиција – објаснуваат од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот