Вардарци одат на втора победа во ЛШ против незгодниот Порто

фото: РК Вардар

Ракометарите на Вардар вечерва (20.45 часот) ги продолжуваат настапите во Лигата на шампионите, во СЦ Јане Сандански го пречекуваат тимот на Порто.

Вардарци во минатото коло против Фленсбург дојдоа до првата победа сезонава, откако два натпревари (Елверум и Пик Сегед) паузираа поради поголем број на заразени ракометари во унгарскиот и норвешкиот тим.

Вечерашниот противник на „црвено-црните“ е португалскиот Порто за кого настапува и македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски кој блескаше во минатото коло и беше прогласен за МВП на колото. Главното оружје на португалскиот тим е играта 7 на 6 и вардарци изминатата недела на подготовктите работеа на запирање токму на овој елемент од играта на Порто.

Го анализиравме Порто, мислам дека е екипа, која не промени многу од минатата година, игра еден добар ракомет, пред се со тактиката „7 на 6“. Ги анализиравме и се надевам дека, ако успееме да одговориме на нивната игра „7 на 6“ имаме големи шанси вторпат да се радуваме во Скопје. Нормално дека сме максимално претпазливи, без разлика што на претходниот натпревар победивме. Секој натпревар е приказна за себе и затоа момците се максимално фокусирани, остануваа да работиме до четврток, да се договориме како и да излеземе и да се потрудиме да оствариме уште една победа во ЛШ. Нема да биде лесно, ова затоа се вика Лига на шампиони и секој натпревар е тежок – вели тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.

– Дуелите со Порто не се непознаница за „црвено-црните“, минатата сезона беа во иста група и двете екипи остварија сигурни победи на домашен терен, Вардар славеше со 32:27, додека Португалците се реваншираа со 30:22. Во таборот на Вардар се свесни дека Порто е незгоден ривал, но сметаат дека триумфот над Фленсбург минатото коло треба да претставува дополнителна мотивација за денешен триумф и потврда да добрата форма.
Што се однесува до натпреварот со Порто, сакаме да потврдиме дека ова беше почеток на нашата идеја за она што сакаме да го постигнеме оваа сезона. Затоа многу ќе биде важна оваа победа дома, сепак знаеме дека Порто е многу квалитетен противник, независно е каде играте, дома или на гости. Многу незгодна екипа со тактика „7 на 6“ и кога им е најтешко, тогаш ја играат најдобро. Што се однесува до нас, сакаме да потврдиме дека сме на добар пат, дека можеме уште подобро и дека нашата авантура оваа сезона почна од победата со Фленсбург. Сега треба да продолжи и да биде подобра и подобра. Знаеме дека ќе биде тешко, дека нема лесен противник, но играме дома и мора да победиме. Излегуваме со мисла во главата дека сакаме да играме уште подобро отколку со Фленсбург  – смета миленикот на навивачите на Вардар,  Тимур Дибиров.

Натпреварот повторно ќе се игра пред празни трибини поради пандемијата на коронавирусот.

Кизиќ: Победата над Фленсбург е мотивација за нов триумф

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот