Вардарци против Елверум ја започнуваат новата сезона во Лигата на шампионите

Елверум е првиот противник за Вардар во новата сезона во Лигата на шампионите/ фото: РК Вардар 1961/Денис Дуковски

Ракометарите на Вардар денеска (18.45 часот) со натреварот против Елверум на гости ја започнуваат новата сезона во Лигата на шампионите.

Во однос на минатата сезона, екипата е променета, има големи промени во играчкиот кадар, од кои најзвучни се имињата се Томовски, Диало, Кудуз, Моралес, Тото, како и браќата Њокас, додека Едуардо Гурбиндо по само два месеци е на излезни врати од клубот. Промена има и на клупата каде по трет пат во кариерата на клупата се врати Веселин Вујовиќ.

Противникот е добро познат за Вардар, норвешкиот Елверум со кого играше во групната фаза и минатата сезона. Тогаш двата натпревари се одиграа во Скопје, првиот дуел заврши без победник 34:34, додека на вториот славеа „црвено-црните“ со 35:32.

Тренерот Вујовиќ иако посакува неговите ракометари со победа да ја започнат сезоната во ЛШ, сепак е претпазлив во најавите.
– Јас сè уште не ја знам вистинската сила на мојот тим. Неиграњето на Ф4 во СЕХА лигата и два силни меча против европски екипи не ми даваат показател за тимот. Особено што во тимот нема да ги имаме ниту Кудуз ниту Гурбиндо кои сезонава веќе играа на неколку натпревари. Едниот поради повреда, другиот поради некои други причини. Тука се браќата Њокас, кои сепак ќе имаат само еден тренинг и не знам ни во каква физичка кондиција се. Се среќаваме со екипа што игра врвен ракомет како и сите нордиски екипи, играат модерно, доста трчаат, имаат креативни играчи. Ќе биде тежок натпревар. Би било добро првиот чекор во ЛШ да го почнеме со победа, но во овој момент навистина не можам да кажам дека Вардар е фаворит на овој натпревар, иако имаме свои адути и свои шанси и ќе сториме се да го добиеме натпреварот во Норвешка – вели Вујовиќ.

Видео на денот