Ванчо Михајлов во Бугарија е рехабилитиран поради Македонија, вели бугарскиот историчар Маринов

Историчарот и член на Бугарската академија на науките, Чавдар Маринов / фото: 360 степени

Разликите меѓу Софија и Скопје стари со децении и обидите за нивно надминување, кои исто така траат со децении, се забележани во книгата на бугарскиот историчар Чавдар Маринов „Македонското прашање од 1944 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“. Книгата е издадена во Франција, во 2010 година, неколку години подоцна е преведена на македонски, а сѐ уште нема издание на бугарски јазик.

Маринов денес работи во Бугарската академија на науките (БАН). Во интервју за БИРН, тој нагласува дека неговите ставови не треба на каков било начин да се доведуваат во врска со ставовите на БАН.

Кај сите во новата бугарска влада, национализмот е повеќе или помалку присутен, но најјасен е кај две од партиите, кои отворено се спротивставуваат на идејата да се подигне бугарското вето за Македонија: партијата на шоуменот Слави Трифонов (Има таков народ) и Бугарската социјалистичка партија, вели Маринов за БИРН.

Анализирајќи го актуелното бугарско раководство, историчарот нагласува дека Петков е приврзаник на брзо и прагматично решение на конфликтот меѓу Софија и Скопје, и дека на тамошната политичка сцена е обвинуван дека реагира позитивно на „западниот притисок“, односно на сигналите од Брисел и Вашингтон за кревање на ветото.

Во врска со актуелните контроверзи со отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, Маринов вели дека за време на социјалистичкиот режим, кога Михајлов живеел во емиграција во Италија, неговиот лик бил третиран на негативен начин: како фашистички соработник, одговорен за убиството на голем број левичари, односно комунистички дејци во Бугарија.

Односот кон историскиот лик на Ванчо Михајлов, вели историчарот, сега се менува, па одредени кругови, не само во историската наука, но и во тајните служби, дури во централниот апарат на Бугарската комунистичка партија, го препознаваат Михајлов како можен сојузник во тогашните историски контроверзи во врска со Македонија.

„Со својата негаторска позиција во однос на македонскиот национален идентитет, Михајлов бил битен залог во борбата против таканаречената ’скопска пропаганда’“, вели Маринов.

Времето кога точно Михајлов бил рехабилитиран, историчарот го лоцира во 1989 година. Споменува дека во тоа време „авторитетен новинар што бил соработник на службите за безбедност направил интервју со Михајлов во Рим, кусо време пред неговата смрт во 1990 година“.

Партијата на Каракачанов, за која смета дека е „создадена од службите“, тогаш ВМРО-СМД, а денес ВМРО- БНД, веднаш го „востоличи за национален херој “. Во глорификацијата на Михајлов се вклучуваат и историчарите.

„Националистички настроени историчари, кои го истражуваа ’македонското прашање‘ (често самите поврзани со ВМРО и службите), ја лансираа неговата глорификација, која продолжува и до ден-денес“, вели Маринов.

Видео на денот