Вакцините против ковид-19 предизвикуваат лесни и очекувани реакции

Скопје, 5 април 2021 - Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Околу 110 пријави за несакани реакции од вакцините против коронавирус стигнале до Агенцијата за храна и лекови – МАЛМЕД од почетокот на процесот на имунизација до сега.

– Во периодот од 17.02.2021 до 27.05.2021 година до МАЛМЕД се пристигнати околу 110 пријави на сомнеж за несакани реакции од вакцини против ковид-19 по спроведена вакцинција на 227.963 лица во нашата земја. Најчесто се пријавени несакани реакции со лесна симптоматологија како болка и оток на местото на апликација, зголемена телесна температура, малаксаност, главоболка, болка во мускули, гадење и вртоглавица, велат од МАЛМЕД за „Слободен печат“.

Оттаму нагласуваат дека сите досега пријавени несакани реакции се опишани во упатствата за употреба на вакцините и не се случило никој да пријави животозагрозувачка состојба.

Претседателката на Здружението на матични лекари Лидија Чолакова-Дервишова вели дека ниту еден од нејзините пациенти, ниту пак од пациентите на нејзините колеги, не пријавил страшни реакции по вакцинирањето.

– Обично вакцинираните се без симптоми или имаат само покачена температура. Многу поретки се тие кои повеќе денови имале температура. Поголемиот дел се добри, нема ништо фрапантно. Според мене, треба да се отвори кол-центар на кој вакцинираните би пријавиле компликации по вакцинирањето, вели Чолакова за „Слободен печат“.

Според сведоштвата на граѓаните на социјалните мрежи, каде секојдневно се споделуваат искуства од примените вакцини, поголем дел од нив се жалат на силна алергиска реакција по вакцинација со „Астра-Зенека“. Други компликации кои им се јавуваат на оние кои се вакцинирале се болка во раката каде е аплицирана вакцината, покачена температура, малаксаност, болки во зглобови и мускули, а кај некои се појавува и црвенило. Други, пак, се жалат на болки во долниот дел од стомакот и тоа по примена вакцина на „Синофарм“ и „Фајзер“, но има и такви кои поминале со лесни симптоми, за кои биле предупредени и на самиот пункт за вакцинација.

Пријавите за нус појави од вакцините се проследуваат до глобална електронска база на податоци за несакани реакции на лекови на Светската здравствена организација со седиште во Шведска „Uppsala Monitoring Centre“ (UMC) по што стануваат дел од документацијата за безбедноста на лекот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот