ВАКЦИНИ ПРОТИВ ГРИП СÈ УШТЕ НЕМА: За една недела 29 грипосани граѓани

Фото: Профимедиа

Нови 29 случаи на грип се регистрирани во Македонија претходната недела. Најмногу заболени има во Куманово, 12. Статистиката на Институот за јавно здравје покажува дека за една недела има уште 12 нови случаи на грип.

„Во сезоната 2019/2020 вкупниот број на заболени од грип изнесува 80 (I=3,9/100.000), односно, имаме намалување за 19 заболени лица во споредба со истиот период минатата година, а намалување од 2,8 пати во споредба со типичната сезонска крива (n=220)“, се наведува во статистиката на Институот за јавно здравје.

Грип најмногу имаат граѓаните на возраст од од 15 до 64 години. Докторите препорачуваат да се избегнува близок контакт со болни луѓе. Грипосаните да седат дома, а просториите често да се проветруваат. Сезоната на грип, доктор Жарко Караџовски, очекува да почне во јануари.

– Сите случаи се клинички потврдени, лабораториска потврда сè уште нема. Рано е, цела Европа нема грип, бидејќи сезоната малку е необична за разлика од претходните години, нема студ. Не е погодна за развој на грип заради тоа што дневната температура е многу висока. Немаме болни од грип за да може да се пренесе на други луѓе, бидејќи се уште е топло – вели за „Слободен печат“ д-р Жарко Караџовски од Институот за јавно здравје.

Доктор Караџовски вели дека најдобра превенција од грипот е вакцинацијата. Но, вакцини во Македонија сè уште нема. Процедурата е заглавена во тендерска процедура, а вакцинацијата е одложена за еден месец. Наместо на 15 октомври, според прогнозите на надлежните, граѓаните од грип ќе може да се вакцинираат после 15 ноември. Викендов, министерот за здравство, Венко Филипче, се правдаше дека не е задоцнета заштитата од грип, туку се почитуваат препораките на Светската здравствена организација, СЗО.

– Тендерот заврши за бесплатните вакцини, сега е периодот на жалби и после тоа очекувам за 10 до  15 дена, вакцините да стигнат во земјата и да почне имунизацијата. И препораките на Светската здравствена организација за нашата земја и другите од регионот, поради временските услови беше покасно да се почне со имунизација – изјави во саботата Филипче.

28.000 вакцини ќе бидат достапни за граѓаните, а за скопјани, односно во Центарот за јавно здравје – Скопје, ќе има 5.000 вакцини за превенција од грип. Пензионерите над 65 години, бремените жени, хронично болните и децата до 5 години, ќе добијат бесплатна вакцинација. Но, тие ќе треба да закажат имунизација преку „Мој термин“, односно матичните лекари.

„Вакцинацијата започнува деновиве, што е оптимално време за вакцинација, бидејќи во земјава пикот на активноста на вирусот на грип се очекува кон крај на јануари и почетокот на февруари. Дополнително, напоменуваме дека вакцината може да се прими во тек на целата сезона. Исто така, Центрите за јавно здравје имаат набавено комерцијални вакцини против грип, кои се наменети за сите останати граѓани кои сакаат да се вакцинираат“, информираат од Министерството за здравство.

Додека во Македонија превенцијата од грип е заглавена во тендерските процедури, во Србија речиси еден месец граѓаните имаат можност да се вакцинираат за да се заштитат од грип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот