Вакцината спасува, не убива

Фактот дека нашите соседи почнаа да ги вакцинираат своите граѓани, а ние сѐ уште ги чекаме првите дози, не треба да загрижува. Вакцината ќе дојде. Она што загрижува е прашањето колку луѓе ќе се согласат да се вакцинираат?

Светот почна да се вакцинира против коронавирус. Ја дочекавме конечно вакцината која ќе ја сузбие пандемијата и ќе го врати животот во нормала. Вакцината во Македонија ќе стигне во февруари, најавија здравствените власти. Први ќе се вакцинираат медицинските работници и хронично болните, а потоа и сите други, се разбира кој сака.

Деновиве се поактуелни се повиците кон власта – зошто Македонија последна од земјите во регионот ќе го почне процесот на имунизација на населението? Фактот дека нашите соседи почнаа да ги вакцинираат своите граѓани, а ние сѐ уште ги чекаме првите дози, не треба да загрижува. Вакцината ќе дојде. Она што загрижува е прашањето колку луѓе ќе се согласат да се вакцинираат? Страшни се податоците од анкетите што покажуваат дека Македонците во голем процент веруваат во теории на заговор поврзани со коронавирусот и одбиваат да се вакцинираат. На социјалните мрежи секојдневно може да се прочитаат разноразни теории дека ковид-19 е „измислица на сатанистите“, дека пандемијата е лажна и има за цел воспоставување нов поредок, дека со вакцините ќе не чипираат, ќе ни ја сменат нашата ДНК и слично. Голем дел од Македонците, и тоа главно млади, веруваат во ваквите теории и одбиваат да бидат вакцинирани.

Ставовите против вакцината ги подгреваат и пресметките на дел од медицинските стручни лица дека Македонија за околу три месеци ќе постигне колективен имунитет, без вакцина. Но, дали е така и колку ќе трае тој имунитет? Според она што досега се знае, имунитетот од коронавирусот не е за навек и дека вирусот ќе стане сезонски, како грипот. И, до кога ќе се бориме со него ако не се вакцинираме?

Треба да ни биде јасно дека единствен спас од оваа пандемија е вакцината. И тоа не го измислија Филипче или „сатанистите“ предводени од Бил Гејтс. Низ историјата се докажало дека вакцинацијата е единствен спас за искоренување на голем број болести, и тоа смртоносни, како што е и коронавирусот кој однесе многу животи. Повозрасните се сеќаваат како Југославија се справи со пандемијата на вариола вера во 1972 година. Тие раскажуваат дека од оваа страшна болест се спасиле само со вакцинирањето. Но, тогаш немало интернет, немало социјални мрежи каде се ширеле теории на заговор, туку луѓето верувале единствено во медицината и во науката. Тие што ја доживеале оваа епидемија раскажуваат како цели фамилии, наредени по азбучен ред се вакцинирале во училиштата по општини. И никој не одбивал вакцина, затоа што биле свесни дека само на тој начин ќе им се врати животот во нормала. И тогаш имало карантини, и тогаш луѓето носеле маски и имале засилени хигиенски навики. Но, еден по еден, без приговор се вакцинирале. Така вариола вера е искоренета. Да се надеваме дека и овој вирус ќе го искорениме, дека сепак ќе им веруваме на лекарите, а не на врачеви и на теории на заговор, кои нѐ враќаат во камено доба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот