Вакцината не е магично стапче – маски ќе мора да носиме барем уште една година!

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од коронавирусот ќе се спасуваме со вакцината, која во земјава ќе биде дистрибуирана во повеќе наврати, малку по малку. Меѓутоа, самиот влез на вакцината во земјава, нема да значи враќање на животот во нормала преку ноќ и автоматски. Експертите од здравството се децидни дека носењето маска, одржувањето дистанца и практикувањето на досегашните мерки за заштита од заразната болест, ќе бидат наше секојдневие барем уште една година.

-Мојата прогноза е дека по една година нема да треба да се носат маски. Ќе зависи од бројот на нови случаи, секако и од квалитетот и опфатот на вакцината. Како што ќе се намалува бројот на позитивни, така постепено ќе се олабавуваат мерките, вели доктор Никола Пановски, професор на Медицинскиот факултет.

Кон ваквите предвидувања се приклучува и Светската здравствена организација, која што препорача граѓаните кои се вакцинирани и патуваат, сепак да ги применуваат заштитните мерки, зашто уште не е познато дали можат да заразат некој друг, иако самите ја примиле вакцината.

Кои се главните фактори што ќе придонесат вакцината да ни помогне да ги фрлиме маските и да почнеме да живееме како и пред пандемијата? Здравствените професионалци со кои контактиравме, посочуваат дека најважно ќе биде тоа што повеќе луѓе да се вакцинираат во што пократок временски период.

Претседателката на Националниот кмитет за имунизација, професор доктор Александра Грозданова, за ,,Слободен печат” посочи дека за комплетно нормализирање на животот, потребен е колективен имунитет.

-Тоа значи над 70 проценти од населението да има имунитет, или со прележување на болеста или со вакцинирање против болеста, вели доктор Грозданова.

Вакцината нема да даде инстант имунитет за граѓаните. Вакцините на Модерна и на Фајзер се администрираат во две дози, со разлика од неколку недели. Зависно од вакцината, потребни се четири до шест недели за да се развие имунитет компатибилен на тој од клиничките студии. Во меѓупериодот, можно е да се заразите со ковид 19 и маската затоа е многу важен фактор кој ќе помогне ова да се спречи.

Од Министерството за здравство за Слободен печат потврдуваат дека мерките за заштита ќе бидат на сила и по вакцинацијата.

,,Во изминатите денови бројот на новозаразени со ковид 19 се намалува, но сепак поради специфичноста на вирусот кој е непредвидлив, прецизни предвидувања е многу тешко да се дадат. Инфектолозите и епидемиолозите апелираат во секој момент континуирано да се почитуваат мерките со цел заштита на здравјето на граѓаните. Она што следува е период за кој веќе сме подготвени, а тоа е успешно и навремено поставување на сите сегменти од претстојната вакцинација, а со ова и постигнување на колективен имунитет. Досега имавме еден логичен тек на бројки, падови и порасти, меѓутоа пандемијата не може да се спореди со ништо што сме го искусиле досега. Затоа, треба да се биде сериозно внимателен во однос на прогнозите што се даваат и да не очекуваме дека целата ситуација во однос на вирусот преку ноќ ќе исчезне. Граѓаните не треба да се плашат, маските со текот на времето ќе ги симнеме, но она што во моментов е важно е максимално придржување кон дадените мерки за заштита како заеднички би успеале да излеземе успешно од оваа криза”, велат од Министерството за здравство.

Вакцините на Фајзер и на Модерна, според објавените клинички студии, тестирале само колку од луѓето што ќе се вакцинирале, се заразиле со ковид 19 со симптоми. Производителите уште не знаат да кажат колку од вакцинираните што ќе се заразат со ковид 19 без симптоми, потоа ќе можат да го пренесуваат вирусот на други луѓе. И тука е клучот зошто мора да се носат маски и да се практикува социјална дистанца и по вакцинацијата.

-Многу луѓе мислат дека откако ќе се вакцинираат, нема да треба да носат маска повеќе. Навистина ќе биде критично да знаат дека ќе мора да носат маска, зашто вакцината не значи дека тие нема да бидат преносители на вирусот, изјави имунологот од Универзитетот Стенфорд, Микал Тал.

Во земјава вакцините против ковид 19 приоритетно ќе ги примат сите здравствени работници кои работат во ковид центрирте или се директно изложени или работат со заболени или суспектни пациенти. Здравствените работници кои работат со земање брисови, граѓаните над 65 години, пациентите со хронични болести во делот на хронично белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот Мој Термин, како и вработените во критичната инфраструктура и транспорт. Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче, над 60 проценти од здравствениот персонал сака да се вакцинира против ковид 19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот