Вакцинацијата во арената „Борис Трајковски“ ќе почне деновиве, два ипол месеци нема да има спортски натпревари

30 март 2021, СЦ Борис Трајковски / Фото: Драган Митрески - Слободен Печат.

Во завршна фаза се подготовките во спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје, каде што ќе бидат поставени 30 вакцинални пунктови за широка имунизација на граѓаните.

Директорот на салата Александар Петровски за „Слободен печат“ вели дека очекува да почне имунизацијата деновиве, со оглед на тоа што се поврзува системот „Мој термин“ со компјутери во салата, се местат пунктовите за вакцинација и очекува процесот да тече брзо, односно дека од прилика 50 луѓе ќе може да се вакцинираат за 15 минути.

Ракометната, одбојкарската и боречката федерација сите покажале разбирање и своите натпревари ќе ги играат во друга сала, затоа што арената „Борис Трајковски“ ќе биде резервирана за имунизација против ковид -19 два ипол месеци.

Два ипол месеци „Борис Трајковски“ ќе биде затворена поради вакцинацијата. Ова е национална арена меѓутоа вакцинацијата е приоритет. Разговаравме со министерот Филипче немаше друго решение за брзо вакцинирање освен „Борис Трајковски“, а и секаде е така, се вакцинираат на белградски саем, во загребската арена, во Ниш и сите во регионот. Така што ова решение беше најприфатливо за најбрзо што поголем број луѓе да се вакцинираат. Големата сала е во завршна фаза од подготовките и местењето. Две недели припремаме логистички терен и само чекавме потврдување на пристигнувањето на вакцините. Мислам дека неофицијално, во среда или четврток ќе има генерална проба и од петок ќе се почне со вакцинација. Но ова го кажувам со резерва. Односно, кога и да реши министерството да почне имунизацијата, ние ќе сме спремни. Во големата сала се монтираат вакцинални пунктови, каде што со бројчиња ќе се влегува, се поставува интернет, „Мој термин“, столчиња за не дај боже на некој ако му се слоши, кревети. Гледавме сите најдобри решенија од соседството да ги примениме, по највисоките стандарди. Приспособено е на нашата сала, во нашиот комплекс да ни биде најфункционално со најголем проток луѓе. Ќе има 30 пункта, но нема да се сите за вакцинирање, туку некои ќе бидат и за не дај боже некој ако му се слоши. Неколку ќе бидат и со кревети. Ние ќе бидеме спремни, за кога ќе реши Министерството да се почне. Мислам дека ќе може да се вакцинираат 50 луѓе на 15 минути, многу брзо ќе оди тоа. Земавме идеи од секаде, од Белград и Загреб како функционираат на вакви големи арени и ги приспособивме на нашите услови, рече Петровски.

Во неделата на скопскиот аеродром стигнаа 24 илјади дози од производителот АстраЗенека преку Ковакс механизмот. Дел од нив ќе се администрираат во спортскиот центар Борис Трајковски, но детали ќе се знаат денеска по неколку одржани состаноци. Вакцината на АстраЗенека е безбедна и со неа ќе се вакцинира и министерот за здравство Венко Филипче, во некоја од подоцнежните фази, кога ќе има голем број на вакцини. Приоритет сега ќе имаат лицата над 75 години кои се пријавиле преку матичните лекари за вакцинација. Тие ќе се вакцинираат и во постоечките пунктови во здравствените домови ширум земјава, каде што се дистрибуирани пристигнатите вакцини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот