Вакцинацијата против ковид-19 почнува задутре, први ќе се вакцинираат здравствените работници од Инфективната клиника

Министерството за здравство соопшти дека задутре во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби ќе почне вакцинирањето на здравствените работиници кои работат во ковид-центрите. Вакцинацијата ќе почне во 10 часот, а прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Пунктот во модуларната болница каде има шест вакцинални позиции, како што се посочува во соопштението, ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути.

Од Министерството потенцираат дека во текот на денешниот ден Националниот систем до ковид-центрите низ државата испраќа списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Во земјава вчера од Србија пристигнаа 4680 дози вакцини од производителот „Фајзер”. Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се споведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови, се додава во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот